„Реалноста е дека во рамките на ЕУ има земји кои се поделени за тоа како да влијаат врз Израел. Но, според мене, ова е неприфатливо и ова не смее да продолжи ако сакаме да го зголемиме нашиот кредибилитет кога станува збор за други кризи, како онаа со која се соочуваме во Украина“, вели Санчез за „Гардијан“
Европскиот одговор на конфликтот во Газа е неуспех и ризикува да го поткопа кредибилитетот на Европската Унија во глобални рамки, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез, кој е во официјална посета на Велика Британија.

Пред состанокот со својот британски колега Кир Стармер во Лондон, Санчез, кој е првиот европски лидер што го обвини Израел за геноцид во Газа, за весникот „Гардијан“ изјави дека конфликтот во енклавата е една од најмрачните епизоди во меѓународните односи во 21 век.
„Тоа е неуспех. Реалноста е дека во рамките на ЕУ има земји кои се поделени околу тоа како да влијаат врз Израел. Но, според мене, ова е неприфатливо и ова не смее да продолжи ако сакаме да го зголемиме нашиот кредибилитет кога станува збор за други кризи, како онаа со која се соочуваме во Украина“,
вели тој.
Пред неколку дена, локалните здравствени претставници во Газа изјавија дека 31 лице се убиени во напади низ Појасот додека Израел ја продолжува својата голема воена офанзива.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами во понеделникот пред парламентот изјави дека Велика Британија сè уште има намера да признае палестинска држава во септември, приклучувајќи ѝ се на Шпанија и други европски нации.
Шпанскиот премиер во изјава за „Гардијан“ вели дека Соединетите Американски Држави (САД), под претседателот Доналд Трамп, го поткопуваат меѓународниот поредок воспоставен по Втората светска војна.
Тој посочи дека повлекувањето на САД од институции како што е Светската здравствена организација би можело да создаде можност за Европа и Велика Британија да преземат поголемо глобално лидерство.
„Најшокантната реалност со која се соочуваме е дека главниот архитект на меѓународниот поредок, што се САД по Втората светска војна, сега го ослабува тој меѓународен поредок, а тоа е нешто што нема да биде позитивно ниту за американското општество ниту за остатокот од светот, а особено за западните земји“,
вели Санчез.
Инаку, шпанскиот премиер и американскиот претседател Доналд Трамп се судрија претходно оваа година поради одбивањето на Шпанија да се согласи да троши пет проценти од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана, но премиерот сепак рече дека неговата земја ќе биде сигурен партнер во НАТО.
Тој, исто така, зборуваше за дилемата со која западните општества се соочуваат сè повеќе кога одлучуваат како да се справат со имиграцијата.
„Верувам дека огромното мнозинство шпански граѓани добро разбираат дека миграцијата е можност, а не само морална должност“,
вели Санчез.