Пакетот санкции, како и заем од 90 милијарди евра за Украина го блокираа Унгарија и Словачка. Овие две земји бараат Украина веднаш да го поправи оштетениот нафтовод „Дружба“ за да може транзитот на нафта до нивните рафинерии да продолжи што е можно поскоро. Нафтоводот беше оштетен на 27 јануари во напад со руски беспилотни летала
Министрите за надворешни работи на земјите членки на на денешниот состанок не постигнаа договор за 20. пакет санкции кон Русија, што е порака што не сакавме да ја испратиме во пресрет на четиригодишнината од почетокот на руската агресија врз Украина, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, пренесоа светските медиуми.

„За жал, не постигнавме договор за 20. пакет санкции. Тоа е чекор назад и порака што не сакавме да ја испратиме денес“,
рече Калас по министерскиот состанок.
Пакетот санкции, како и заем од 90 милијарди евра за Украина го блокираа Унгарија и Словачка. Овие две земји бараат Украина веднаш да го поправи оштетениот нафтовод „Дружба“ за да може транзитот на нафта до нивните рафинерии да продолжи што е можно поскоро. Нафтоводот беше оштетен на 27 јануари во напад со руски беспилотни летала.
Калас рече дека работата за усвојување на санкциите ќе продолжи. Таа нагласи дека пристапот со барања од Украина да ја предаде својата територија мора да се напушти и од Русија треба да се побара да го направи она што мора да го направи за да се постигне праведен и траен мир.
„Украина не е пречка за мирот, туку тоа е Русија. Не можеме да одговориме на максималистичките барања на Русија со минималистички одговор“,
рече шефицата на европската дипломатија, додавајќи дека Европа бара Русија да ги почитува своите граници, да престане со саботажи, да плати воени репарации и да ги врати киднапираните украински деца.
Калас рече дека оваа ситуација со санкциите се повторува, дека се случило и претходно, но на крајот сепак бил постигнат договор, како што беше тоа случај со 19. пакет санкции против Русија.
Потребен е притисок кон Русија, а не кон Украина
„Работиме на различни нивоа со нашите унгарски и словачки колеги за да го усвоиме и овој пакет. Жалам што денес не постигнавме договор пред утрешната тажна годишнина од почетокот на војната. Мора да испратиме силни сигнали дека продолжуваме да ѝ помагаме на Украина, но и да вршиме притисок врз Русија за да заврши оваа војна“,
рече таа.
Неколку министри за надворешни работи денеска изјавија дека унгарскиот премиер Виктор Орбан води кампања пред клучните избори на 12 април, на кои, според анкетите, би можел да ј изгуби власта по 16 години, со повторно блокирање на Украина. Орбан од своја страна ја обвинува ЕУ дека води провоена политика и се претставува како миротворец.
„Многу ми е тешко да замислам, со оглед на историјата на Унгарија, дека ако не му се помогне на народот на Украина тоа би донело поени на изборите“,
рече Калас негирајќи дека ја познава политичката клима во Унгарија.

На прашањето кој е виновен што гасоводот не е поправен, Калас рече дека тоа е исклучиво Русија.
„Русија е виновна затоа што го бомбардираше не само нафтоводот, туку и 80 проценти од украинската енергетска инфраструктура. Не можам да ги обвинам Украинците што даваат приоритет на поправката на енергетската инфраструктура што им е потребна, што даваат приоритет на сопствениот народ, луѓето на кои им е потребна електрична енергија и греење на температура од минус 25 Целзиусови степени, пред да го поправат нафтоводот што испорачува евтина руска нафта до други земји“,
рече Калас.
Не е исклучено користење на замрзнатите руски средства
Таа не ја исклучи можноста за користење на руски замрзнати средства доколку Унгарија продолжи да го блокира заемот за Украина од 90 милијарди евра.
„На Европскиот совет беше договорен заем од 90 милијарди и бараме овој договор да се почитува. Ако тоа не функционира, секогаш можеме да се вратиме на користење на руски замрзнати средства“,
рече високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
На самитот во декември, првата опција за помош на Украина беше да се користат замрзнатите средства на руската централна банка, но поради силното противење на Белгија, каде што се наоѓаат повеќето од овие средства, и со премолчена поддршка од некои други земји членки, ова решение не помина.
Наместо тоа, беше договорена резервна опција за бескаматен заем за Украина, за кој исто така немаше консензус, и затоа беше користен механизмот на засилена соработка во кој учествуваат 24 земји членки на ЕУ.
Унгарија, Словачка и Чешка се откажаа и нема да учествуваат во трошоците за отплата на заемот. Сепак, ова решение бара и согласност од сите земји членки бидејќи европскиот буџет е гарант на заемот.
