Претседателот на Словачка остро ја критикуваше Европската Унија, велејќи дека си игра со напорите на земјава. Додаде дека не може да прифати оти постојат двојни стандарди, а дека Унијата не прави ништо да ги прифати земјите
На заедничката прес-конференција со Пелегрини, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова беше прашана за очекувањата од утрешната посета на Фон дер Лајен. Меѓу другото, рече дека очекува да се спомене и прашањето за актуелниот спор со Софија и изрази подготвеност за аргументирана дискусија по однос на ова прашање
Европската Унија не може да си игра со довербата на оваа земја затоа што доаѓа момент кога луѓето ќе престанат да ѝ веруваат на ЕУ и да кажат дека едноставно не сакаат да бидат членка на овој клуб бидејќи по децении вложување напори и мачни реформи едноставно нема да го прифатат тоа.

Ова го порача претседателот на Словачка, Петер Пелегрини, за време на денешната прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Скопје.
Пелегрини остро ја критикуваше Европската Унија, велејќи дека си игра со напорите на земјава. Додаде дека не може да прифати оти постојат двојни стандарди, а дека Унијата не прави ништо да ги прифати земјите.
„ЕУ треба да биде свесна дека овој процес на проширување е жив и земји како оваа имаат потенцијал да преговараат поглавје по поглавје и да ги спроведуваат реформите со цел да ги исполнат критериумите. Јас сум малку позагрижен дека пристапувањето на овие земји нема да се заснова на нивното техничко ниво на подготвеност, туку дека ќе се играат некои геополитички игри со нив. Во ЕУ ќе има земји коишто ќе играат политички игри со цел да го попречат пристапувањето. Верувам дека ако го прават тоа, тогаш ќе направат огромна политичка грешка и ќе зажалат за тоа“,
изјави словачкиот претседател.
Пелегрини истакна дека земјава ги вложила сите свои напори, а не добила ништо за возврат од Унијата.
„Словачка целосно ќе го поддржи пристапувањето на С Македонија, затоа што тоа е вистинската перспектива и начин на којшто треба да се напредува. Од страна на Европската Унија, мораме да бидеме мошне чесни и да кажеме дали сме правични или само сакаме да го оддолжиме овој процес“,
додаде претседателот на Словачка.
Тој изрази уверување дека шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во текот на утрешната посета на Скопје ќе биде оптимистична и ќе ѝ даде надеж на земјава во однос на, како што рече, позитивниот резултат.
На заедничката прес-конференција со Пелегрини, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова беше прашана за очекувањата од утрешната посета на Фон дер Лајен. Меѓу другото, рече дека очекува да се спомене и прашањето за актуелниот спор со Софија и изрази подготвеност за аргументирана дискусија по однос на ова прашање.
На прашањето дали има комуникација со Софија, Сиљановска-Давкова вели дека има маргинална комуникација.
Посетата на Фон дер Лајен рече дека може да се гледа и од аспект на редовна посета, како минатогодишната, за која рече дека е добра заради кондицијата на регионот и поттикнувањето на потребата од регионален настап, поддршка, солидарност, разбирање или обид Балканот, како што рече, да се обиде да личи на Балтикот.
„Државите на Балтикот најпрво и најревносно беа поддржани од Шведска, Данска и Финска. На Балканот тоа не се случуваше, имаше и претходно проблеми како нашиот меѓу Словенија и Хрватска“,
изјави Сиљановска-Давкова.
Претседателката додаде дека на нејзиниот словачки колега му ги пренела ставовите оти Копенхашките критериуми се најважниот и единствениот услов за сите кандидатки при пристапувањето кон ЕУ. Рече дека и во евроинтеграциските процеси и други држави се соочувале со меѓународни проблеми што не биле директно врзани за Копенхашките критериуми, но никогаш не се поставувале услови со кои се соочува земјава.