Според него, ако биде одлучено да се вратат испораките на руска нафта, тогаш сака сите да знаат дека е против тоа и дека нема потреба да биде обвинет за блокирање
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги обвини европските сојузници дека го уценуваат Киев за повторно отворање на нафтоводот „Дружба“, кој транспортира руска нафта преку Украина до Унгарија и Словачка, пренесува Би-би-си.

Според него, повторното воспоставување на протокот на руска нафта преку Украина до Европската Унија би било еквивалентно на укинување на економските санкции против Москва.
Украина тврди дека нафтоводот „Дружба“ е оштетен во руските воздушни напади во јануари и се уште не е поправен.
ЕУ го повика Зеленски брзо да го поправи нафтоводот и го замоли да прифати меѓународни експерти да ја проценат штетата.
Некои претставници на ЕУ стравуваат дека отпорот на Зеленски би можел да му помогне на Орбан да победи на изборите.
Зборувајќи со новинари во Киев, Зеленски рече дека едноставно се спротивставува на принципот на дозволување руска нафта да транзитира низ Украина, додека ЕУ забранува нејзина продажба на друго место.
„Или продаваме руска нафта или не. Зошто (ЕУ) ме принудува да го вратам ‘Дружба‘? По што се разликува тоа од укинувањето на санкциите против Русите. Зошто во еден случај можеме да им кажеме на САД дека се спротивставуваме на укинувањето на санкциите, а во другиот да ја принудиме Украина да продолжи со транзитот на нафта преку ‘Дружба‘ – и политичката цена што всушност ја плаќа за антиевропската политика“,
вели Зеленски.
Ова доаѓа во време кога САД привремено ги укинаа санкциите кон други земји за купување руска нафта со цел да ги ублажат тешкотиите во снабдувањето со енергија предизвикани од американските и израелските напади врз Иран.
Тој потег беше критикуван од неколку европски лидери.
„Ако одлучиме да ги вратиме испораките на руска нафта, тогаш сакам да знаат дека сум против тоа. И нема потреба да бидам обвинет дека блокирам нешто. Јас не блокирам“,
кажа тој.
Посочи дека отворено сака да го каже својот став оти ако е условен да го отвори нафтоводот, со тоа дека Украина нема да добие оружје, тогаш ќе биде немоќен.
„Им кажав на нашите пријатели во Европа дека ова се нарекува уцена“,
рече украинскиот претседател.
Одлуката на ЕУ да додели заем од 90 милијарди евра на Украина е усвоена од сите 27 земји-членки и според него, мора да се спроведе.
САД издадоа 30-дневна дозвола за купување руска сурова нафта и нафтени деривати што во моментов се на море, што, според за американскиот секретар за финансии Скот Бесент, е чекор кон стабилизирање на глобалните енергетски пазари погодени од војната со Иран.
Сепак, Зеленски рече дека не го поддржува олабавувањето на политиката на санкции и оти укинувањето на санкциите против Русија нема да му помогне на светот, туку само на Русија.
Дозволата ќе остане важечка до полноќ на 11 април.
