На „сивата листа“ се наоѓаат земји кои имаат несоодветни даночни стандарди, но се обврзани на измена на прописите во согласност со барањата на ЕУ
Покрај Македонија, на листата се додадени и Костарика, Хонгконг, Малезија, Катар и Уругвај
Европската Унија денеска ги отстрани Ангвила, Доминиканската Република и Сејшелите од својата „црна листа“ на даночни оази, но истовремено ја додаде Македонија на „сивата листа“, на која се наоѓаат земји кои имаат несоодветни даночни стандарди, но се обврзани на измена на прописите.
Ангвила, Сејшелите и Доминиканската Република претходно беа ставени на „црната листа“ бидејќи не ги исполнуваа критериумите за даночна транспарентност. Тие сега се наведени како јурисдикции кои сѐ уште не се во согласност со сите меѓународни даночни стандарди, но се посветени на принципите на добро даночно управување, потсетува агенцијата АП..
Министрите за финансии на ЕУ, кои се состанаа во Луксембург, денеска ја одобрија одлуката за нивно поместување на „сивата листа“, откако трите земји се согласија да ги прегледаат своите даночни системи.
„Црната листа“ на ЕУ беше воспоставена во 2017 година со цел да се бори против зголемениот број затајувања данок и редовно се ажурира.
Девет „јурисдикции“ сѐ уште се наведени како „некооперативни“, како што се Американска Самоа, Фиџи, Гуам, Палау, Панама, Самоа, Тринидад и Тобаго, Американските Девствени Острови и Вануату.
Костарика, Хонгконг, Малезија, Македонија, Катар и Уругвај исто така се додадени на „сивата листа“, додека Австралија, Есватини (поранешен Свазиленд) и Малдиви се отстранети од неа по реформата на нивните даночни системи.