Рубио и Калас, исто така, ја истакнале важноста од зајакнување на соработката меѓу ЕУ и САД во однос на ситуацијата на Блискиот Исток и предизвиците што ги носи Кина

Европската Унија и Соединетите Американски Држави се обединија околу тоа дека е потребно да се одржи „максимален притисок“ врз Москва. За ова денеска разговарале високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност Каја Калас и американскиот државен секретар Марко Рубио, што е нивни прв разговор откако администрацијата на Доналд Трамп ја презеде функцијата на 20 јануари годинава.
Калас и Рубио разговарале за потребата од соработка за да се постигне траен мир во Украина.
Разговорот меѓу Калас и Рубио доаѓа по повторените закани на американскиот претседател Доналд Трамп во сферата на трговијата и одбраната.
Новиот американски претседател неодамна изјави дека европските земји ќе бидат оданочени бидејќи само така може фер да се однесуваат кон САД. Тој, исто така, побара европските земји да ги зголемат трошоците за одбрана на 5% од нивниот бруто-домашен производ.
Дел од светските медиуми пренесуваат дека за време на разговорот со нејзиниот американски колега, Калас зборувала за зголемување на европските инвестиции во одбраната.
Рубио и Калас, исто така, ја истакнале важноста од зајакнување на соработката меѓу ЕУ и САД во однос на ситуацијата на Блискиот Исток и предизвиците што ги носи Кина.
„Разговаравме за глобалните прашања каде што ЕУ и САД имаат исти интереси, вклучително и војната на Русија во Украина, злобното влијание на Иран и предизвиците што ги носи Кина. ЕУ и САД се секогаш посилни заедно. Со нетрпение очекувам да се сретнеме наскоро“,
објави Калас на својот профил на платформата Икс.
Good call with @SecRubio.
— Kaja Kallas (@kajakallas) January 28, 2025
We discussed global issues where the EU and US have the same interests, including Russia’s war in Ukraine, Iran’s malign influence and challenges posed by China.
The EU and US are always stronger together.
Looking forward to meeting you soon. pic.twitter.com/leKEB81SUT
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Каја Калас вчера изрази очекување дека европските министри за надворешни работи денеска ќе одобрат продолжување на санкциите против Русија поради војната во Украина, како и олеснување на мерките наметнати на Сирија под владеењето на поранешниот претседател Башар ал Асад.
Пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата на 20 јануари, Калас изјави дека Европската Унија е подготвена да продолжи да обезбедува воена помош за Украина дури и доколку САД престанат, но изрази уверување дека Вашингтон ќе продолжи да ја поддржува Украина.
