Во пресрет на потпишувањето, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, оцени дека со овој чин се создава најголемата зона на слободна трговија во светот
Во парагвајскиот главен град Асунсион денеска ќе се одржи свечена церемонија на потпишување на Договорот за партнерство ЕУ-Меркосур (ЕМПА), како и на Привремената трговска спогодба меѓу двете страни (ИТА). Со овој потег, по 25 години преговори, се воспоставува рамка за модерно и сеопфатно партнерство кое ќе опфати пазар од над 700 милиони луѓе.

На настанот ќе присуствува највисокиот врв на Европската Унија, односно, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а домаќин е претседателот на Парагвај, Сантијаго Пења Паласиос. Според најавите, во името на ЕУ потписот на документите ќе го стави еврокомесарот за трговија и економска сигурност, Марош Шефчович.
Во пресрет на потпишувањето, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, оцени дека со овој чин се создава најголемата зона на слободна трговија во светот.
„Тоа ќе донесе вистински придобивки за европските граѓани и бизниси, ќе го зајакне суверенитетот и стратешката автономија на ЕУ и ќе ја обликува глобалната економија во согласност со нашите заеднички вредности. Европа е отворена за бизнис и гради мостови кон заеднички просперитет со нашите глобални партнери“,
рече Кошта.
Тој додаде дека договорите гарантираат зајакнување на правата на работниците, заштита на животната средина, како и заштита за европските земјоделци, со што се докажува дека трговските партнерства базирани на правила се добитни за сите страни.
Овие договори треба да бидат одобрени од Европскиот парламент за да може Советот на ЕУ да ги ратификува. Првиот сериозен тест следува веќе в среда, за време на пленарната сесија во Стразбур. Европратениците ќе треба да се изјаснат за предлогот да се побара мислење од Европскиот суд на правдата за тоа дали договорите со Меркосур се усогласени со основачките документи на Европската унија.
