Европратениците, кои мора да го спроведат договорот преку закон, го суспендираа процесот откако Трамп им се закани на неколку членки на ЕУ со царини доколку не им дозволат на САД да ја преземат данската територија, објави Еуроњуз
Европратениците во Европскиот парламент денеска одлучија да продолжат со спроведувањето на трговскиот договор со Соединетите Американски Држави, две недели откако американскиот претседател Доналд Трамп се откажа од заканите за царини поради Гренланд.

Спогодбата, постигната во јули 2024 година помеѓу Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, ги поставува американските царини за извозот од ЕУ на 15 проценти, додека Унијата се обврза да ги намали своите царини за американските стоки на нула.
Европратениците, кои мора да го спроведат договорот преку закон, го суспендираа процесот откако Трамп им се закани на неколку членки на ЕУ со царини доколку не им дозволат на САД да ја преземат данската територија, објави Еуроњуз.
„Членовите на Трговскиот комитет се посветени на брзо продолжување на работата на двата законски предлози, под услов САД да го почитуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Унијата и нејзините земји членки и да се придржуваат до одредбите од Договорот од Тарнбери“,
изјави германскиот европратеник Бернд Ланге, претседател на Трговскиот комитет на парламентот.
Тој додаде дека комитетот би можел да гласа за договорот на 24 февруари.
Според извори на Еуроњуз, пленарното гласање би можело да следи во март.
Пратениците од политичките групи одговорни за досието денеска ги дискутираа своите следни чекори зад затворени врати, а мнозинството на крајот, според Ланге, се залагале за одмрзнување на договорот. Сепак, дебатата околу неговата содржина била жестока.
Една од точките на спор е таканаречената клаузула за истек. Социјалистите и демократите се залагаат за решение според кое тарифните олеснувања за ЕУ би истекувале по 18 месеци, освен ако не се обноват експлицитно, додека ЕНП сака рокот да биде три години.
Во меѓувреме, Ана Кавацини од Зелените изјави дека многу прашања остануваат нерешени.
„ЕУ се соочува со повторени обиди за принуда од страна на САД, но земјите-членки затвораат очи пред оваа реалност. Европскиот парламент мора решително да одговори на оваа парализа“,
рече таа.
Крајнодесничарската група „Патриоти за Европа“ останува критична кон договорот, за кој смета дека е лошо договорен од Комисијата, според внатрешни извори.
