Дозволете ми да истакнам дека единствените лидери во светот кои се санкционирани од Европската унија се Асад од Сирија, Лукашенко од Белорусија и сега Путин од Русија, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел
ЕУ воведе нови санкции против Русија, кои ги опфаќаат рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
Според Би-би-си тоа подразбира замрзнување на имотот, но не и забрана за патување. Засега не се знае имотот кој би можел да биде опфатен и дали имаат таков имот во ЕУ. Се работи за сметки и за друг вид имот.
„Дозволете ми да истакнам дека единствените лидери во светот кои се санкционирани од Европската унија се Асад од Сирија, Лукашенко од Белорусија и сега Путин од Русија“,
рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел.
Претходно и Велика Британија донесе исто ваква одлука која стапува на сила веднаш, соопшти вечерва од Даунинг стрит.
Одлуката е донесена откако британската влада вчера воведе сет санкции за руските банки, авиокомпании и олигарси блиски до Кремљ, како одговор на инвазијата во Украина.
Премиерот Борис Џонсон ги повика лидерите на НАТО да преземат итна акција преку меѓународниот платен систем SWIFT со цел „да му нанесат максимална штета на рускиот претседател Владимир Путин и неговиот режим“, пренесува Индепендент.