На почетокот на неделава германското Министерство за надворешни работи потврди дека владите на Франција, Германија и Велика Британија заедно ќе работат на воведување санкции против иранскиот авиопревозник „Иран ер“, осудувајќи го Иран за испораката на балистички ракети на Русија
Европската Унија остро го осудува неодамнешното пренесување балистички ракети од Иран во Русија, што претставува директна закана за европската безбедност и суштинска материјална ескалација во снабдувањето на Москва со ирански беспилотни летала и муниција кои таа ги користи во својата илегална агресивна војна против Украина, изјави денеска високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел.
„Тоа се случува во време на најновите напади на Русија врз Украина, вклучително и со балистички ракети и беспилотни летала, кои ја докажуваат нејзината јасна решеност да продолжи со својата брутална агресивна војна против Украина и нејзиниот народ, особено насочена кон критичната енергетска инфраструктура, обидувајќи се да предизвика што е можно повеќе загуби на цивилни животи и нанесување штети од големи размери. Иранските балистички ракети сега би можеле да се користат за да предизвикаат дополнителни страдања и уништувања во Украина“,
наведува Борел во писмената изјава упатена во име на ЕУ.
Борел потенцира дека позицијата на Европската Унија за вмешаноста на Иран во руската војна била отсекогаш јасна и таа во неколку наврати остро го предупреди Техеран.
„Европската Унија ќе одговори брзо и во координација со меѓународните партнери, вклучително и со нови и зајакнати рестриктивни мерки против Иран, вклучително и со санкционирање на поединци и субјекти вклучени во програмите на иранските балистички ракети и беспилотни летала. Во тој поглед, исто така, се размислува и за рестриктивни мерки кон иранскиот воздухопловен сектор“,
додава Борел во изјавата.
На почетокот на неделава германското Министерство за надворешни работи потврди дека владите на Франција, Германија и Велика Британија заедно ќе работат на воведување санкции против иранскиот авиопревозник „Иран ер“, осудувајќи го Иран за испораката на балистички ракети на Русија.
Претходно американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека Русија добила балистички ракети од Иран и дека најверојатно ќе ги користи во Украина во блиска иднина.
За време на неговата посета на Лондон, Блинкен потврди дека САД, исто така, ќе воведат нови санкции кон Иран кои се однесуваат и на „Иран ер“.