Европската комисија во годишната анализа констатира позитивни трендови за С.Македонија. Во нивниот Извештај се вели дека економскиот раст во земјава повторно зема залет и дека изгледите се позитивни.
„Очекувањата се дека економијата ќе продолжи да расте од 3,2 отсто во 2019 до 5,1 отсто во 2021“,
прогнозира Европската Комисија.
Во однос на фискалната стабилизација, Комисијата смета дека дел од мерките можат да бидат недоволни на долг рок, пред сѐ поради ризиците поврзани за нивната имплементација.
„Зацврстувањето на фискалната одржливост бара дополнителни напори за мобилизација на приходите и промена на политики кои носат заштеда, вклучително и пензискиот систем“,
стои во Извештајот.
Клучните предизвици, според Комисијата, се стабилизацијата на јавниот долг преку намалување на примарните дефицити, истовремено зачувувајќи го растот и поттикнувајќи капитални инвестици.
Европската комисија, меѓу другото, предлага мерки за подобрување на наплатата на приходи и намалување на даночните изземања, како и потранспарентна рамка за државната помош и дополнителна реформа на пензискиот систем. Истовремено, европската извршна власт предупредува дека овие фискални реформи не смеат да се одвиваат на штета на инвестициите во јавната инфраструктура и образованието.
Во однос на образовниот систем, според Комисијата, потребна е темелна реформа на секој степен. Земјата, велат тие, има проблем со ниското ниво на квалификација на работниците, кои поради тоа не успеваат да најдат работа и се повеќе склони кон емиграција.
Европската Комисија смета дека сивата економија продолжува да претставува опасност за бизнис климата, бидејќи создава нефер услови на конкурентност и ги ограничува можностите на легалните бизниси да се развиваат и инвестираат во развој, иновација и продуктивност. Освен тоа, непријавените приходи и работа ја оштетуваат економијата и ги намалуваат можностите и условите на вработување, како сигурноста и безбедноста. За Еврокомисијата ова прашање е посебно деликатно и дека ќе бидат потребни внимателно осмислени мерки.