Американскиот претседател се закани дека САД ќе воведат царини од 50 отсто за сите стоки од Европската Унија, кои треба да стапат во сила од 9 јули доколку во меѓувреме двете страни не постигнат договор
Како што се приближува рокот на Трамп за воведување на царините, почнуваат да се појавуваат разлики меѓу Германија и Франција околу тоа како да се справат со ситуацијата
Европската Унија (ЕУ) е подготвена за трговски договор со американскиот претседател Доналд Трамп во врска со тарифите, но и понатаму „сите опции остануваат на маса“, изјави претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, додавајќи дека го анализира најновиот преговарачки документ на Соединетите Американски Држави што вчера стигнал во Брисел.

„Нашата порака денес е јасна, ние сме подготвени за договор. Но, во исто време се подготвуваме за можноста да не се постигне задоволителен договор… и ќе го браниме европскиот интерес како што треба. Накратко, сите опции остануваат на маса“,
изјави Фон дер Лајен за новинарите, откако ги брифираше лидерите на ЕУ за документот, пренесе „Гардијан“.
Европската комисија, како што потсетува британскиот весник, е одговорна за трговијата во име на 27-те земји членки на ЕУ, но на состанокот со европските лидери сакаше да добие насоки за тоа како да пристапи кон преговорите со Белата куќа кои се сметаат за критични.
Американскиот претседател Трамп се закани дека ќе воведе царини од 50 отсто за сите стоки од Европската Унија, кои треба да стапат во сила од 9 јули доколку во меѓувреме двете страни не постигнат договор.
Инаку, најголем дел од производите од ЕУ веќе се соочуваат со царини од 10 отсто, давачките за автомобили и делови за автомобили се 25 отсто, а за челик и алуминиум е 50 отсто.
Фон дер Лајен најави и, како што го нарече, почеток на редизајнирање на Светската трговска организација (СТО), поради загриженоста дека глобалниот трговски систем е поткопан од трговски војни и билатерални договори. Таа рече дека блокот на Азиско-пацифичкиот CPTPP, кој ја вклучува и Велика Британија, е заинтересиран за структурирана соработка со ЕУ, која го сака истото.
„Можеме да го разгледаме ова како почеток на редизајнирање на СТО… за да му покажеме на светот дека слободната трговија со голем број земји е можна врз основа на правила“,
рече таа.
Како што се приближува рокот на Трамп за воведување на царините, почнуваат да се појавуваат разлики меѓу Германија и Франција околу тоа како да се справат со ситуацијата во разговорите со САД.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека брз и едноставен трговски договор е подобар од „бавен и комплициран“. Новиот централно-десничарски канцелар е под силен притисок од германските производители на автомобили и други извозници, од кои некои тврдат дека асиметричен договор – т.е. повисоки американски царини за европски стоки – може да биде подобар од никаков договор.
Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, од друга страна, е со став дека прифаќањето нееднаков трговски однос би било штетно за долгорочната конкурентност на Европа.
Шпанскиот премиер Педро Санчез, од своја страна, отворено порача дека заканата на Трамп со царини е „двојно неправедна“, бидејќи неговата земја има трговски дефицит со САД. Тој ова го кажа откако Трамп неделава изјави дека Шпанија ќе „плати двојно повеќе“, откако Санчез приговараше на зголемувањето на трошоците за одбрана од пет отсто од БДП што земјите членки ќе треба да почнат да ги издвојуваат од 2035 година.
Европските дипломати се сè попесимистични дека е можно преговорите да резултираат со укинување на основните царини до 10 отсто, и како што се сфаќа оваа реалност, се појавуваат два начини како да му се пристапи на проблемот. Едниот, според дипломатите, е брз одговор што би значел сигурност за бизнисот, додека другиот е да се договори со идентична мера и со тоа да се изврши притисок.
„Прашањето е дали ќе преминеме во агресивен режим на одмазда или ќе бидеме помалку гласни и ќе склучиме брз договор“,
вели дипломатски извор, пишува „Гардијан“.

Соединетите Држави од своја страна покажуваат мал интерес за понудата на ЕУ за зона на слободна трговија според принципот „нула за нула“ за индустриските производи, и продолжуваат да ги напаѓаат регулативите на Унијата за технолошките компании и правилата за ДДВ.
Претходно неделава, Фон дер Лајен го повтори ставот дека промените во Законот за дигитални пазари на ЕУ, регулативи што влијаат на американските технолошки компании, не се предмет на разгледување.
„Секако дека разговараме за тарифни линии, разговараме за нетарифни бариери како што се стандардите и нормите… но онаму каде што е засегнат суверениот процес на донесување одлуки во Европската Унија и нејзините земји членки, тоа би било премногу“,
рече претседателката на Европската комисија.