„Извештаите за наводното откривање на разговорите на министерско ниво зад затворени врати во Советот од страна на унгарскиот министер за надворешни работи на неговиот руски колега се многу загрижувачки“, рече портпаролката на Европската комисија
Европската комисија изрази загриженост во врска со наводите дека унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто редовно му споделувал доверливи информации од состаноците на ЕУ на својот руски колега Сергеј Лавров и побара Унгарија да се произнесе во врска со нив.

„Извештаите за наводното откривање на разговорите на министерско ниво зад затворени врати во Советот од страна на унгарскиот министер за надворешни работи на неговиот руски колега се многу загрижувачки“,
изјави портпаролката на Европската комисија, Анита Хипер.
Таа додаде дека односот на доверба меѓу земјите членки и меѓу нив и институциите е фундаментален за работата на Европската Унија.
„Очекуваме унгарската влада да даде појаснување“,
посочи портпаролката на ЕК.
Таа не одговори на прашањата за тоа какви понатамошни чекори планира да преземе ЕУ, вклучително и мерки за обезбедување на безбедноста на доверливите дискусии на европските лидери, инсистирајќи дека прво треба да добие објаснување од Унгарија во врска со наводите.
Во извештајот на „Вашингтон пост“, во кој весникот се повикува на изјави на европски функционер, се наведува дека шефот на унгарската дипломатија редовно му споделувал доверливи информации од состаноците на Советот на Европската Унија на својот руски колега Сергеј Лавров.
Сијарто ги отфрли како лажни ваквите наводи.
