Нешто повеќе од 95 отсто од фалсификатите се откриени во земјите од еврозоната, околу четири отсто во членките на ЕУ кои не се во зоната и помалку од половина процент во другите делови на светот
Околу 347 000 фалсификувани евробанкноти се повлечени од оптек во 2021 година, што е за четвртина помалку од пред една година, соопшти Европската централна банка (ЕЦБ).
Банкнотите од 20 и 50 евра, кои заедно сочинуваат околу две третини од повлечените фалсификувани банкноти, сè уште се најчесто фалсификувани.
ЕЦБ, исто така, соопшти дека нешто повеќе од 95 отсто од фалсификатите се откриени во земјите од еврозоната, околу четири отсто во членките на ЕУ кои не се во зоната и помалку од половина процент во другите делови на светот.
Мала е веројатноста некој да добие фалсификувана банкнота, констатира ЕЦБ и објасни дека во 2021 година биле откриени 12 фалсификати на милион оригинали во оптек.
Сепак, ЕЦБ предупредува дека граѓаните треба да бидат внимателни.
„Кога ќе се посомневаат дека банкнотата е фалсификувана, граѓаните прво треба да ја споредат со оригиналот и доколку се потврдат сомнежите, да се обратат до полицијата или, во зависност од националната практика, во централната или комерцијалната банка“,
се вели во соопштението на ЕЦБ и се потсетува и дека плаќањето со фалсификувани банкноти е кривично дело.