Доколку се придржуваме до мерките, велат од компанијата, електричната енергија што ќе се заштеди ќе може да се пренасочи кон стопанството, особено кон големите фирми и институциите, кои купуваат струја на слободниот пазар по енормно високи цени
Од АД ЕСМ денеска соопштија дека ќе ги вложат сите напори да ја произведат целата електрична енергија потребна за граѓаните до крајот на грејната сезона и да ја има во доволни количини, но истовремено упатија апел до граѓаните да се придржуваат до мерките за штедење на струја.
Оттаму велат дека граѓаните треба да знаат дека секој киловат-час што ќе го заштедат ќе значи помалку трошење јаглен, мазут и гас за производство на електрична енергија.

Цените за набавка на енергенти се енормно зголемени, потенцираат од АД ЕСМ, и додаваат дека придржувањето на граѓаните до мерките за штедење ќе значи заштеда на големи средства од државниот буџет.
„Само со штедење на електричната енергија, сите ние можеме многу да им помогнеме на болниците, училиштата, градинките, како и на нашата економија, и заедно да излеземе од оваа наметната криза“,
велат од АД ЕСМ.
Од почетокот на глобалната енергетска криза цената на мазутот е зголемена за речиси 100 отсто, на јагленот за над 200, а на гасот за 700 проценти. Цената за набавена електрична енергија е покачена за 1000 проценти.
„Ваквите цени, во услови на криза, државата и граѓаните тешко ќе можат да ги поднесат. Во услови на голема глобална енергетска криза, АД ЕСМ Ве повикува сите, согласно можностите, доследно да се придржувате кон мерките за штедење на електрична енергија, како дел од севкупното движење во Европа за намалување на потрошувачката на електрична енергија. АД ЕСМ како производител на 70 отсто од вкупната електричната енергија во државата, што ја покрива 100-процентно целокупната потреба на граѓаните и малите потрошувачи (мали фирми и јавни институции), апелира секој поединец да даде максимален придонес за намалување на потрошувачката на струја во државата, со свој личен влог“,
се наведува во соопштението од АД ЕСМ.
Доколку се придржуваме до мерките, велат од компанијата, електричната енергија што ќе се заштеди ќе може да се пренасочи кон стопанството, особено кон големите фирми и институциите, кои купуваат струја на слободниот пазар по енормно високи цени, и на тој начин „ќе можеме да им понудиме одредена количина по пониски цени, со што ќе се намалат нивните трошоци за работа“.
