Цената што ја понуди ЕСМ за првите шест месеци од наредната година е за 7,5 отсто повисока од сегашната која изнесува 53 отсто и која беше добиена во јуни годинава

Педесет и седум евра за мегават-час е цената што ЕСМ ја понуди на тендерот на Универзалниот снабдувач, „ЕВН хоум“. По оваа цена, во првите шест месеци од наредната година, државните електрани ќе ја продаваат својата електрична енергија за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Цената што ја понуди ЕСМ е за 7,5 отсто повисока од сегашната која изнесува 53 отсто и која беше добиена во јуни годинава. ЕСМ за цената од 57 евра за мегават-час ќе покрива 95 отсто од вкупно планираните количини.
За покривање на останатите пет отсто од вкупно планираните количини, „ЕВН хоум“ добила најповолна понуда од ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 120,01 евра за мегават-час. Освен ЕСМ, на тендерот учествувале и „Соле24 ДООЕЛ“.
За покривање на загубите на електрична енергија, „Електродистрибуција“ добила најповолна понуда од ЕСМ, и тоа по цена од 105 евра за мегават-час. Претходно оваа цена изнесуваше 100 евра за мегават-час.
Универзалниот снабдувач во наредниот период треба да ја пресмета цената на електричната енергија што ќе важи на регулираниот пазар од 1 јануари. Контролата на пресметката ќе ја врши Регулаторната комисија за енергетика, која ќе ја одреди цената за пренос и дистрибуција на електрична енергија што заедно со цената на електричната енергија е составен дел од сметките што ги плаќаат граѓаните.
Регулаторната комисија за енергетика со новата одлука од декември ќе почне да ја применува ЕУ-практиката според која како обврска на регулаторот е дефинирање на тарифите за пренос и дистрибуција, а крајната цена во која влегуваат сите елементи ќе ја соопшти универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, прецизира дека РКЕ ќе направи проверка дали цената е соодветно пресметана и ќе укаже каде има потреба од корекции ако има отстапувања. Но, формулата, како што истакнува Бислимоски, е јасна за сите енергетски компании.
И министерот за економија Крешник Бектеши потврдува дека РКЕ ќе може да интервенира во цената доколку се утврди дека пресметките не се направени како што треба и регулаторите се тие што ќе го имаат последниот збор при носењето на одлуката. Тој уверува дека нема да има повисока цена на струјата по 1 јануари.
Од утре, пак, стартува евтината дневна тарифа на струјата во периодот од 13 до 15 часот. Со воведување на дневната евтина тарифа домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во ден недела.