Од ЕСМ велат дека опожарувањето на мостот нема да биде причина за старт на грејната сезона, која почнува наредниот месец и додаваат дека сите потрошувачи ќе имаат сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија

По добиена дозвола од Град Скопје, АД ЕСМ е подготвен во најкраток можен рок да ги постави новите топловодни цевки на мостот „Беласица“, соопштуваат од компанијата.
Оттаму уверуваат дека опожарувањето на мостот нема да биде причина за старт на грејната сезона, која почнува наредниот месец и велат дека сите потрошувачи ќе имаат сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија.
„ЕСМ во изминатиот период во целост го заврши отстранувањето на опожарениот топловод на мостот ’Беласица’ како и сите подготвителни активности за поставување на нови топловодни цевки кои се веќе пренесени на локацијата“,
посочуваат во соопштението.
Уверување дека ќе нема проблеми со снабдувањето со топлинска енергија минатиот месец даде и директорот на ЕСМ, Васко Стефанов, кој рече дека новиот топловод ќе биде во функција до крајот на септември.
Мостот „Беласица“, кој четири месеци беше затворен за сообраќај поради пожар што го зафати на 12 мај, од саботата е пуштен, но се вози само по крајните две коловозни ленти. Од Град Скопје тогаш информираа дека двете средишни коловозни ленти ќе бидат отворени во моментот на завршување на градежните работи од страна на ЕСМ.
Во соопштението од Град Скопје беше наведено дека согласно експертскиот извештај за состојбата на мостот на булеварот ‘Беласица’, утврдено е дека тој нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат безбедноста на мостот. Од извештајот, како што велат од Градот, констатирано е дека има површинско напукнување на надворешниот бетонски слој во средишниот дел на едната страна на мостот, предизвикано од горењето на изолацијата на топловодните цевки на ЕСМ, кое компанијата треба да го санира со цел поставување нови топловодни цевки како нивна обврска за овозможување непрекинато снабдување на граѓаните на градот со топлинска енергија.
Мостот „Беласица“ е една од клучните артерии во Скопје која поврзува два дела од градот поради чие неработење се создава(ше) дополнителен метеж во и онака оптоварениот сообраќај во македонската престолнина.