Како што велат од ЕСМ, мерките се за намалување на непродуктивните трошоци и реализација на производниот процес, со вложување помалку материјални и човечки ресурси
АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) ќе испрати на принуден одмор дел од своите вработени поради новите мерки за штедење што ги воведе, а ќе бидат насочени кон намалување на трошоците во услови на енергетската криза.
Како што велат оттаму, мерките се насочени во правец на намалување на непродуктивните трошоци и реализација на производниот процес, со вложување помалку материјални и човечки ресурси.
„Од тие причини, во тек е постапка за утврдување на работни места кои не се неопходни за производството на електрична енергија во одреден временски период. Извршителите на утврдените работни места ќе бидат упатени на принуден одмор не подолг од три месеци, согласно Законот за работни односи, со исплата на 70 отсто од платата“,
информираат од АД ЕСМ.
Како што наведуваат од компанијата, намалени или целосно запрени се и сите други трошоци кои не се строго поврзани со производството на електрична енергија како спознорствата, репрезентациите и службените патувања.
„Сведена е на неопходниот минимум исплатата на прекувремени работни часови, додека законската дневница за патување се исплаќа во половина износ. Запрена е набавката на возила, освен возила потребни за производниот процес, додека употребата на патнички возила е целосно и строго рационализирана“,
потенцираат од АД ЕСМ.