Специјалниот претставник на Стејт департментот во коментар за дискусијата околу брза интеграција на Украина во ЕУ пред Западен Балкан, порачува дека Северна Македонија и Албанија се тие кои треба да бидат следни за започнување преговори
За тоа дали воведување санкции од САД за Бугарија се разумни во овој момент со оглед на безбедносните предизвици, Ескобар вели ова може да се реши преку преговори во добра волја, дијалог и билатерални дискусии
Специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во интервју за „Гласот на Америка“ (ВОА) вели дека една од целите на Стратешниот дијалог што го започнаа САД и Северна Македонија е да заеднички да се порази корупцијата.
„Генерално разговаравме за сите пречки за придвижување на односот напред. И морам да кажам дека прашањето за владеење на правото е прашање со кое се занимаваме речиси во сите билатерални односи што ги имаме. Така, нашата цел во овој дијалог беше да бараме алатки со кои можеме заедно да ја поразиме корупцијата, не само во Северна Македонија, туку и во регионот и во Европа“,
одговара Ескобар на прашањето дали и корупцијата е дел од дијалогот и дали директно на македонските функционери им е пренесена загриженоста за овој проблем.
Зборувајќи за Стратешкиот дијалог, Ескобар вели дека во последните години Северна Македонија и САД решиле дека треба да се здружат во ваков формат и да најдат начин за продлабочување на стратешките односи низ целиот опсег на билатерални односи, вклучувајќи политички, воени, економски односи, како и од областа на култура, образованието итн.
Специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан зборува и за интеграцијата на земјава во ЕУ и порачува дека Северна Македонија ги направила сите потребни реформи за да се одржи меѓувладина конференција за почеток на преговорите и дека земјава им е потребна во ЕУ.
На прашањето дали САД ќе организираат слична средба како што најави францускиот претседател Емануел Макрон, со цел да се изврши притисок за решавање на спорот пред самитот на ЕУ кон крајот на месецот, Ескобар одговара:
„Ситуацијата во моментов е за пристапување во ЕУ. Тоа е во рацете на француското претседателство. Силно поддржавме, силно препознаваме дека секоја земја што влегла во Европската Унија е попросперитетна, подемократска и постабилна. Тоа го сакаме за Северна Македонија. И тоа го сакаме и за остатокот од Западен Балкан“.
За тоа дали воведување санкции од САД за Бугарија се разумни во овој момент со оглед на безбедносните предизвици, Ескобар вели ова може да се реши преку преговори во добра волја, дијалог и билатерални дискусии.
Прашан за тоа кое е неговото мислење околу дискусијата за врза интеграција во ЕУ на Украина, пред Западен Балкан, специјалниот претставник на Стејт департментот порачува дека Северна Македонија и Албанија се тие кои треба да бидат следни за започнување преговори.
„Мојот коментар е дека како специјален претставник за Западен Балкан, јас сум фокусиран на Западен Балкан и мислам дека Северна Македонија, заедно со Албанија, треба да бидат следните кои ќе го започнат процесот на меѓувладини конференции. Имаме многу блиска соработка со ЕУ кога станува збор за Украина, но, за жал, тоа не е моја област на одговорност. Мојата област на одговорност е да ѝ помогнам на Северна Македонија да ги постигне своите аспирации“;
вели Ескобар.
Целото интервју можете да го прочитате ТУКА.
