Координаторот за антикорупција на Стејт департментот Ричард Нефју, вели дека означувањата имаат цел да ја покажат поддршката на САД за владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата низ целиот свет
Се надевам дека ова ѝ помага на владата во Северна Македонија да продолжи со напорите за борба против корупцијата, изјави за Гласот на Америка заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, одговарајќи на прашањето дали очекува политички последици откако денеска САД го ставија на црна листа градоначалникот на Струга Рамиз Мерко поради значителна корупција.
Координаторот за антикорупција на Стејт департментот Ричард Нефју, вели дека означувањата имаат цел да ја покажат поддршката на САД за владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата низ целиот свет.
„Секогаш кога зборувате за нешто што вклучува визни ограничувања или санкции, секогаш ќе има прашања за ефикасноста. Мислам дека во голема мера, сепак, успеавме да покажеме значајни резултати во однос на помагањето на актерите на граѓанското општество и другите дека тие не се сами. И дека кога се соочуваат со корумпирани актери, имаат поддршка и имаат поддршка од меѓународната заедница“,
рече Нефју за Албанската редакција на Гласот на Америка.
Тој додаде дека не прави разлика дали санкциите се однесуваат на поранешен или сегашен функционер.
„Повторно, дел од причината зошто ги правиме овие работи е да ги поддржиме актерите од граѓанското општество, да ги поддржиме оние кои се обидуваат да бараат одговорност од корумпираните актери“,
рече тој.
САД денеска го ставија на црна листа градоначалникот на општина Струга Рамиз Мерко како генерално неподобен за влез во САД поради неговата вмешаност во значителна корупција.
Американската амбасадорка Анџела Агелер, преку социјалната мрежа Фејсбук, потенцира дека САД ќе продолжат да се борат против секој оној кој го поткопува владеењето на правото во Северна Македонија.