Главните прашања што се очекува да се отворат на средбите со државните раководители во Косово и Србија се формирањето на Заедницата на општини со мнозинско српско население во Косово и модалитетите на меѓусебно признавање на двете држави
Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, и посредникот на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, се очекува да допатуваат денеска во Приштина, во обид да му дадат нов поттик на косовско-српскиот дијалог за решавање на споровите меѓу двете држави.

Во новиот заеднички обид да го заживеат процесот на преговори, Ескобар и Лајчак ќе престојуваат во Косово до среда, 2 февруари, по што ќе ја продолжат посредничката мисија со дводневна посета на Белград.
Главни прашања што се очекува да се отворат на средбите со државните раководители во Косово и Србија се формирањето на Заедницата на општини со мнозинско српско население во Косово и модалитетите на меѓусебно признавање на двете држави, изјавија за агенцијата „Косовапрес“ познавачи на политичките состојби во Приштина, а пренесе МИА.
Канцеларијата за врски на ЕУ во Косово објави дека Лајчак и Ескобар ќе се сретнат со политички лидери, како и со претставници на меѓународната заедница и на граѓанското општество.
„Главна цел на посетата е да се дискутираат следните чекори во дијалогот за нормализација на врските меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ“,
соопштуваат од приштинската канцеларија на ЕУ.