За да ги продолжи своите аспирации за ЕУ, Владата на С Македонија се обврза да донесе уставни измени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, а исто така сме ангажирани новата влада на Бугарија за да се осигуриме дека нема да поставува нови барања откако Северна Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори, порача специјалниот американски пратеник за Западен Балкан
Соединетите Американски Држави (САД) силно го поддржуваат процесот на спроведувањето на уставните измени кои Северна Македонија треба да ги усвои за да продолжи со своите евроинтеграции, а се ангажирани и со новата влада на Бугарија за да се осигураат дека нема да поставува нови барања за Скопје.
Ова го истакна специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, за време на синоќешната дебата за Западен Балкан пред Поткомитетот за надворешна политика на Конгресот на САД.

„За да ги продолжи своите аспирации за ЕУ, Владата на Северна Македонија се обврза да донесе уставни измени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, а исто така сме ангажирани новата влада на Бугарија за да се осигураме дека нема да поставува нови барања откако Северна Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори“,
рече Ескобар.
Тој нагласи дека Северна Македонија и Албанија веќе ги отвориле пристапните преговори со ЕУ и се цврсти партнери на САД и сојузници во НАТО, кои се залагаат за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
Евроатлантската интеграција, потенцира специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, се од клучно значење за да се намали влијанието на штетните актери во регионот, како што се Русија и Кина, но и на корумпираните локални актери, кои имаат за цел да го дестабилизираат регионот и да ги попречат интеграциите преку проширување на своите влијанија.