Есенскиот бран од кој стравуваше Европа, се чини почна да пристигнува и ги оправдува ставовите на властите и епидемиолозите во европските земји. Голем број земји веќе воведоа или најави нови рестрикции додека во здравствените билтени повторно се бележат високи стапки на ширење на коронавирусот.
Во моментов на епидемиолошката мапа на Европа во т.н. црвена зона се наоѓаат 10 земји од Европската Унија (ЕУ) – што значи дека стапката на новозаразени надминува 120 на 100 000 жители.
Во „црвената зона“ на картата на Европскиот центар за превенција и контрола на инфекциите се наоѓаат Шпанија (319 случаи на 100.000 жители во последните две недели), Чешка (303), Франција (245), Холандија (231), Белгија (206), Луксембург (161), Исланд (158), Унгарија (129) и Данска (128), а сега им се придружи и Велика Британија (135). Уште четири земји се означени како „изложени на ризик“ кога станува збор за зголемувањето на бројот на пациенти со ковид-19, а тоа се Романија (116), Австрија (114), Словачка (106) и Ирска (105).
Шпанија, која во првиот бран беше една од најпогодените, денеска стана првата западноевропска држава која надмина 800 000 заразени од почетокот на пандемијата. Најпогоден е Мадрид, каде од вчера им е забрането на жителите да го напуштаат градот непотребно, а на посетителите да влегуваат ако не им е неопходно. Најавени се рестриктивни мерки и за уште девет градови.

Париз, пак, од утре воведува највисок степен на мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, што значи дека во следните две недели се затвораат сите барови, а рестораните ќе мора да спроведат нови заштитни мерки за да останат отворени.
Работата од дома на подрачјето на Париз сега ќе мора да биде на прво место, порачаа властите, а предавалните на универзитете не смеат да се пополнуваат со повеќе од половина од капацитетот. Претходно, на 14 дена беа затворени и рестораните и баровите во францускиот град Марсеј. Француските власти, вчера забележаа дневен рекорд по бројот на новозаразени – 16 972.
За рестрикции се подготвува и Ирска. Здравствените институции ѝ препорачаа на Владата да воведе втор карантин во земјата во траење од четири недели. Препораките се ограничувањата да се зголемат на највисоко ниво во градовите Даблин и Донегал.
Италијанската влада, пак, размислува да ја продолжи вонредната состојба, како и можноста за воведување на задолжително носење маски на отворено.
Вонредна состојба од денеска веќе има во Чешка. Вонредна состојба таму имаше од средината на март до средината на мај, а владата на Андреј Бабиш реши да прогласи нова. Ова следува откако и чешките власти забележаа пораст на бројот на заразени, а во петокот беше постигнат нов рекорд на дневно ниво – 3 792 нови случаи. Враќањето на вонредната состојба значи повторно ограничување на собирите и поголеми казни за оние кои не ги почитуваат епидемиолошките мерки. Собирите во затворено се ограничени на 10 луѓе, а на отворено максимум 20. Спортските натпревари, пак, ќе продолжат, но без публика.
Во делови од Германија, исто така, се ограничија собирите. Онаму, каде стапката на заразени е над 35 случаи на 100 000 жители дозволено е присуство на максимум 25 лица на приватни забави, а 50 на собири на јавен простор.
