Ердоган оцени дека американскиот претседател Џо Бајден досега не покажа позитивен пристап во овој процес, а според него, единствено поранешната германска канцеларка Ангела Меркел „навистина би можела да има решение“
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска го обвини Западот дека ги „влошува работите“ меѓу Москва и Киев и оти не нуди никаква помош за решавањето на руско-украинскиот конфликт.
„За жал, западните сили досега не дадоа никаква помош за решавање на конфликтот. Тие само ги влошија работите“,
изјави турскиот претседател за Си-ен-ен Турк, при враќање од посетата во Киев.
Ердоган оцени дека американскиот претседател Џо Бајден досега не покажа позитивен пристап во овој процес, а според него, единствено поранешната германска канцеларка Ангела Меркел навистина би можела да има решение.
„Покрај неа, засега нема други лидери. Нема потреба да се именуваат други“,
додаде Ердоган.
На средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, турскиот претседател ја повтори својата понуда да посредува во украинската криза и да биде домаќин на билатералните разговори меѓу Москва и Киев во Турција.
Ердоган за агенцијата Ројтерс изјави оти очекува Анкара да ги смири тензиите по состанокот во Киев, но најави дека како членка на НАТО, Турција ќе го направи она што е потребно доколку Русија ја нападне Украина.