Епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ за Танјуг вели дека „црвената линија“, односно моментот кога на дневна основа можел да се спречи големиот број новозаразени лица, е помината и предупредува дека ситуацијата се влошува
Србија во изминатите 24 часа регистрира 5 069 новозаразени лица од 20 443 тестирани примероци, што според здравствените власти е показател дека епидемиолошката состојба се влошува. Во ова деноноќие има има 23 починати како последица на ковид, а во болниците има 1 701 пациент, од кои 121 се на апарати за дишење.
Епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ за Танјуг оцени дека ситуацијата веќе не е нестабилна, туку неповолна, и во некои делови на земјата е исклучително тешка, поради што членовите на Кризниот штаб најверојатно ќе предложат построга контрола на мерките кои се на сила, но не даваат резултат.
Тој ја посочува ситуацијата во болниците кои повторно се полни и дека неодговорноста на невакцинираните, „се прекршува врз грбот на лекарите“.
„Имаме епидемија на невакцинирани луѓе, и јас сум за тоа невакцинираните да ги лечат само невакцинирани лекари“,
нагласи Тиодоровиќ.
Според него, „црвената линија“, односно моментот кога на дневна основа можел да се спречи големиот број новозаразени лица, е помината.
Тој наведува дека денеска Србија е меѓу последните во Европа по бројот на вакцинирани, за разлика од претходно кога беше на врвот.
Поради ова, амбасадорите на земјите од ЕУ денеска одлучуваат дали Србија и уште пет земји ќе бидат отстранети од т.н. зелена листа на безбедни земји.