Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска соопшти дека епидемиолошката слика во земјава се подобрува, но рано е да се повлечат сите мерки. Тој кажа дека се намалува бројот на новозаразени случаи со ковид, а се ослободуваат и болничките капацитети, со што дел од ковид-центрите по клиниките се затвораат и болниците се враќаат на нивните примарни дејности.
Тој рече дека вакцинацијата се одвива нормално и досега се вакцинирани околу 110 илјади граѓани од кои 23 илјади се ревакцинирани. Најави дека денеска треба да стигнат 10 илјади дози од вакцината на „Фајзер/Бионтек“, а до 15 мај да пристигнат и донациите од кинеската армија.
„Согласно најавите за пристигнување на вакцини со правиме и распоредот на делење на вакцините на пунктовите ширум државата“,
рече Филипче.
Според него, рано е да дозволи одржување на свадби и организирање на концерти, но најави дека во текот на оваа недела ќе има и состанок со претставниците на организаторите на настани. Тој рече дека засега дозволено е да се одржуваат настани како состаноци, едукативни курсеви и слично.
„Не се дозволени концертите и свадбите, затоа што стравуваме дека може да се намали дистанцата меѓу луѓето кои се присутни. И затоа постепено одиме кон ублажување на мерките. Ако продолжат трендовите ќе бидат дозволени и концертите“,
рече Филипче.
На прашањето дали може да се препорача луѓето кои се целосно вакцинирани да немаат задолжение да носат маски, Филипче рече дека таа мерка треба и понатаму да се почитува.
„Разговаравме утрово на Комисијата за заразни болести и заклучивме дека препораката за носење маска треба и натаму да се почитува. Бевме сведоци дека голем број на граѓани маските не ги носат за време на викендот. Сè уште е рано да ја симнеме таа одлука. Веројатно ќе дојде до поништување на мерката, но сега е рано да се каже кога ќе кажеме да не се носат маските. Засега е рано, тоа ќе биде нешто следно за што ќе разговараме“,
рече Филипче.