Изминатите три недели, според извештаите на ИЈЗ, бројот на оздравени лица расте за околу 40 проценти на неделно ниво. Ова, како што велат од МЗ, е важен и позитивен индикатор кој влијае на намалување на бројот на активни случаи
Изминатите три недели бројот на оздравени лица расте за околу 40 проценти на неделно ниво. Ова, како што велат од МЗ, е важен и позитивен индикатор кој влијае на намалување на бројот на активни случаи.

Значително зголемување на бројката на оздравени лица, а намалување на бројот на починати во споредба со претходната недела покажува последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 6 до 12 јули.
Во овој период, како што оценија од Министерството за здравство, регистриран е рекорден број на оздравени лица – 1 017 кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 404 лица или 40 проценти повеќе од претходната недела на известување (29 јуни – 5 јули).
Изминатите три седмици бројот на оздравени лица расте за околу 40 проценти на неделно ниво. Ова, како што велат од МЗ, е важен и позитивен индикатор кој влијае на намалување на бројот на активни случаи.
Во последната недела направени се вкупно 9 995 тестирања (1573 повеќе од периодот 29 јуни – 5 јули) и регистрирани се 1 073 позитивни случаи на ковид-19, што е за 156 случаи повеќе од претходната недела.
Споредбено, процентот на позитивни од тестирани случаи е благо намален, 10,7% позитивни од тестирани за периодот 6-12 јули, наспроти 10,9% за претходната недела. Во последните четири недели процентот на позитивни случаи од тестирани на неделно ниво бележи пад.

Дистрибуција на заболените од COVID-19 во С Македонија според ден на лабораториска дијагностика и начин на стекнување на болеста,
Новозаболени се регистрирани во 26 града, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (42,3%) и во Тетово (8,9%). Во 16 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.
Од новозаболените во овој период најголем процент се лица над 60 години 22,8%, поголем број новозаболени се регистрира кај лица помеѓу 30-39 – 20,1%, потоа кај лица од 50-59 години – 19,3% и помеѓу 40–49 години – 18,8%. Најмал број на новозаболени има кај децата и тоа 0-9 години – 3.7%, и од 10-19 години – 3,3 % од вкупниот број на новозаболени.
Од случаите кои се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 114 лица или 11,5 % што претставува намалување за 2% во однос на претходната недела на известување, а кај 270 лица или кај 27,2% регистрирано е присуство на коморбидитети, што е за 2% повеќе од претходната недела.
Од вкупниот број на епидемиолошки истражените новозаболени 42,6% имале контакт со потврден случај на ковид-19, а 22 лица имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.
Во периодот 6 до 12 јули регистрирани се 36 смртни случаи, што е за 10 помалку од претходниот период. Најголем дел од случаите се лица над 60 години, 69,4%. 35 од случаите се починати во болнички услови, а 1 вонболнички. Кај 29 од смртните случаи (80,6%) регистрирани се претходни коморбидитети. Во последните три недели константно се намалува бројот на смртни исходи на ковид-19, велат од МЗ.

На 12 јули 2020 година, според извештаите од болниците, хоспитализирани биле 350 лица позитивни на ковид-19, од кои 118 се на кислородна поддршка, а 4 на механичка вентилација.