Од почетокот на годината како последица на оваа болест починаа три лица, две невакцинирани деца на училишна возраст во Западен Тексас, како и еден возрасен во Ново Мексико кој исто така бил невакциниран

Бројот на заболени од мали сипаници во САД надмина 700, а епидемија е регистрирана во вкупно шест американски држави, јавија денеска американските медиуми.
Од почетокот на годината како последица на оваа болест починаа три лица, две невакцинирани деца на училишна возраст во Западен Тексас, како и еден возрасен во Ново Мексико кој исто така бил невакциниран.
Последните пет случаи на мали сипаници денеска ги потврдија здравствените власти во Канзас.
Американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди, кој се смета за познат скептик за вакцините, препорача вакцинирање против морбили.
Во минатото Кенеди изразуваше сомнежи за користа од вакцинирањето. Поради тоа, имаше критики за неговото назначување за министер за здравство.
На новинарско прашање за епидемијата од сипаници, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека ако бројот на заразени е во пораст, неговата администрација ќе мора да преземе силна акција.