„Е.Б., судија на АС С., СЕ РАЗРЕШУВА од вршење на судиската функција, поради сторена потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција, согласно со член 74 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите, поради потешка повреда на јавниот ред и мир и други посериозни форми на недолично однесување со кое се нарушува угледот на судот и неговиот углед од член 75 став 1 точка 1 од истиот закон в.в. со член 3 алинеја 1,3 и 4 од Законот за судовите“, се наведува во решението за разрешување на Беџети, кое по одлуката на Врховниот суд, Судскиот совет го објави јавно
Судијата на Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, кој се најде на американската „црна листа“ поради корупција во врска со предметите што се водеа против ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, и формално повеќе не е судија во второстепениот суд.

Ова доаѓа откако Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на почетокот на септември донел решение со кое ја потврдил одлуката за разрешување на судијата Беџети што кон крајот на мај годинава ја донесе Судскиот совет.
Со одлуката на Советот на Врховниот суд решението на Судскиот совет за разрешување на Беџети станува правосилно.
За потсетување, одлуката за разрешување на Беџети, Судскиот совет ја донесе на затворен дел од седницата одржана на 26 мај годинава. Одлуката дојде откако во декември 2024 година Беџети, заедно со ексвицепремиерот Артан Груби, кој во моментот е во бегство надвор од државата, се најде на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција, конкретно поради примање поткуп во врска судските предмети што беа поврзани со ексдиректорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
Решението на Судскиот совет тогаш не беше јавно образложено, бидејќи сè уште не беше правосилно оти судијата имаше право на жалба. Беџети во меѓувреме беше суспендиран од работното место, додека се чекаше одлуката на Советот на највисокиот суд во државата.
„Одлуката на Судскиот совет беше обжалена од страна на судијата Енвер Беџети до Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Република Северна Македонија. Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Република Северна Македонија на седница одржана на ден 03.09.2025 година донел решение ОСЖ-4/25 со кое ГО ПОТВРДУВА решението на Судскиот совет на Република Северна Македонија од 26.05.2025 година“,
велат од Судскиот совет.
Решението на Советот на Врховниот суд за одлучување по жалба било доставено и примено од Судскиот совет на 22 септември.
Ова ја активирало и законската обврска на Судскиот совет одлуката за разрешувањето на апелацискиот судија Енвер Беџети Советот да ја објави на својата веб-страницата и во „Службен весник“ по правосилното завршување на постапката.
„Одлуката за разрешување на судијата Енвер Беџети, Судскиот совет на Република Северна Македонија ја објави на својата веб-страна и во ‘Службен весник на РСМ’ бр. 197/25 од 24.09.2025година“,
велат од Судскиот совет.
Во одлуката е опишана целата постапка што се водела против Беџети во Судскиот совет и се наведува дека тој се разрешува поради сторена потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција.
„Е.Б., судија на АС С., СЕ РАЗРЕШУВА од вршење на судиската функција, поради сторена потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција, согласно со член 74 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите, поради потешка повреда на јавниот ред и мир и други посериозни форми на недолично однесување со кое се нарушува угледот на судот и неговиот углед од член 75 став 1 точка 1 од истиот закон в.в. со член 3 алинеја 1,3 и 4 од Законот за судовите“,
се наведува во решението на Судскиот совет.

Инаку, ова беше вторпат Судскиот совет да води дисциплинска постапка против судијата Беџети – во врска со предметот „Таргет-Тврдина“. Претходно, во ноември 2023 година, Судскиот совет решаваше за утврдување одговорност кај судијата Беџети поради тоа што повеќе од девет месеци во фиока го чуваше предметот за масовното незаконско прислушување, постапката заврши само со парична казна за него, но не и со разрешување.
Во решението од втората постапка по која беше разрешен судијата може дека се види дека тој во целост ги негира доказите наведени во барањето за разрешување. За документот на американскиот Стејт департмент со кој беше ставен на „црната листа“, Беџети наведува дека „не може да има третман на доказ во било каква постапка“.
„Соопштението од Стејт Департментот на САД е акт донесен од политичко тело на странска држава и не е акт донесен од судски орган. Самата постапка која е водена од политичкиот орган Стејт Департментот на САД е еднострана постапка без засегнатото лице да е запознато дека против него се води било каква постапка. Какви импликации би имало доколку истиот овој орган го повлече судијата од т.н. ‘црна’ листа. Самото соопштение на амбасадата на САД во нашата држава каде се наведени повеќе предмети ни укажува дека се работи за политички акт, а не за правно издржан акт поткрепен со докази. Имено, не е изведен ниту еден доказ дека против конкретниот судија се води било каква предистражна, истражна или кривична постапка. Примање мито на судија уште повеќе се докажува со конкретни докази и претставува сериозно кривично дело. Во овој случај освен голо соопштение од политички орган нема никакви правно релевантни докази со кои се докажува тврдењето од соопштението на Стејт Депарментот на САД“,
навел Беџети во одговорот на барањето за негово разрешување.
Според него, како што навел во постапката, содржината на барањето и приложените докази воопшто не упатуваат дека тој сторил потешка повреда на јавниот ред и мир или некоја друга форма на недолично однесување со кој се нарушува угледот на судот и неговиот углед, бидејќи недолично однесување подразбира судијата во судот да биде во алкохолизирана состојба, под дејство на психотропни супстанции, да има неконтролирани испади и да навредува судии и учесници во судската постапка.
„Во конкретниот случај согласно доказите изведени на расправата, а приложени од судијата и тоа уверение за кривична евиденција бр. од 06.02.2025 година и потврда ПРК-Р. бр. од 05.02.2025 година јасно произлегува дека судијата не бил кривично и прекршочно казнуван за дејствија против јавниот ред и мир така да по овој основ не може да се бара одговорност на судијата“,
навел Беџети, стои во решението на Судскиот совет за постапката.
Тој во завршните зборови се осврнал и на моментот дека станува збор за втора постапка што се води против него каде предмет на разгледување и одлучување е неговото постапување во врска ист предмет. Како што напишал Беџети во завршниот збор се работи за постапка која е спротивна на Уставот.
„Постапката која се води пред Судскиот совет се води спротивно на член 14 од Уставот на Република Северна Македонија. Имено, во Советот веќе се водела дисциплинска постапка во која Судскиот совет не може во вторпат да поведе дисциплинска постапка за постапување и преземање на дејствија од страна на судијата по истиот судски предмет кој бил претходно предмет на завршена дисциплинска постапка. Поради наведеното му предлагам на Судскиот совет на Република Северна Македонија да го одбие барањето за поведување на постапка за утврдување на Одговорност на судија како неосновано“,
навел Беџети.

Сепак, Судскиот совет на седницата на 26 мај констатирал дека Беџети е недостоен за извршување на функцијата повикувајќи се на одлуката на Стејт департментот, но и на изјавите на амбасадорка на Соединетите Американски Држави (САД) во земјава, Анџела Агелер.
„Кога велиме дека некој е корумпиран, 100 % сме сигурни во тоа. Не ставаме луѓе на црна листа врз основа на сомнежи или на чувства“. Станува збор за многу докази и за повеќе случаи. Не е дека му се ‘лизнало’ еднаш“.
„Тие што го поткопуваат владеењето на правото за лична корист и на сметка на народот треба да разберат дека корупцијата носи последици“.
Ова се дел од изјавите на американската амбасадорка на кои се повикува Судскиот совет во образложението на одлуката.
„Со самото ставање на судијата Е.Б. на неславната т.н. „американска црна листа“ на САД е сериозен удар за честа и угледот на сите функционери од судската власт, како и за него како судија, а токму со тврдењата на Стејт Департментот дека постојат цврсти докази за негова вмешаност во корупција за судски пресуди поврзани со предметите на поранешниот директор на УБК С.М., токму ваквите сериозни наводи за негова вмешаност во значителна корупција се доволен основ за утврдување одговорност на судијата, со што истиот сторил потешка дисциплинска повреда бидејќи ваквото постапување на судијата укажува на крајно недолично однесување на судијата со кое се нарушува угледот на судот и неговиот углед, поради што постојат основи за негово разрешување од судската функција“,
навеле од Судскиот совет.
Откако судијата Беџети и поранешниот вицепремиер Артан Груби беа ставени на црната листа во врска со предметите за Сашо Мијалков, предистражна постапка отвори и Обвинителството. Но засега оттаму нема известување до каде е постапката.
Што се однесува до ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, кој беше првообвинет за случајот со масовното прислушување, тој се спаси од натамошен прогон во безмалку сите случаи што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) по контроверзните измени на Кривичниот законик од септември 2023, поради кои делата за кои се гонеше застареа. Единствено одлежа казна за предметот „Империја“ во затворот од отворен тип во Струга, од каде излезе во мај минатата година.