Во останатите осум училишта во кои е спроведена вонредната контрола по случајот со масовното труење во „Димо Хаџи Димов“, како што информираат од Институтот за јавно здравје, не се пронајдени патогени бактерии
Во едно од деветте основни училишта во скопски Карпош, во кои беше спроведена вонредна контрола од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Инситутот за јавно здравје (ИЈЗ), е пронајдено присуство на ентеробактерии. Ова, како што информираат од ИЈЗ, го покажуваат резултатите од земените брисеви од две површини во училиштето, што е знак на недоволна хигиена.

Бактерии од групата Enterobacteriaceae беа пронајдени и на чешмите и во храната што ја консумирале децата од кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае.
Во останатите осум училишта во кои е спроведена вонредната контрола по случајот со масовното труење во „Димо Хаџи Димов“, како што информираат од ИЈЗ, не се пронајдени патогени бактерии.
„Од секое училиште беа земени мостри од храна и брисеви од работни површини од кујните. По направените анализи во испитуваните примероци не се докажани патогени бактерии. Освен во едно од училиштата каде што на две површини е докажано присуство на ентеробактерии, што е индикатор на недоволна хигиена“,
велат од ИЈЗ.
Оттаму додаваат дека Институтот ќе предложи иницијатива со која ќе се направат промени во Националната годишна програма за јавно здравје, правилници, како и законски и подзаконски акти, во насока на подобрување на хигиената во училиштата, градинките, како и побезбедна храна и вода во воспитно-образовните установи.
Вонредната контрола во деветте основни училишта на територија на Општина Карпош следува по случајот со масовно труење на деца во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во скопско Влае. Надзорот во ова училиште покажа дека на чешмите и во храната што ја консумирале децата од училишната кујна се пронајдени батекрии од групата Enterobacteriaceae. Ова, како што соопштија во петокот од ИЈЗ, е показател на нехигиена во училиштето и е најверојатната причина за труењето на поголем број ученици.
