Во моментов, според министерот за дигитална трансформација, македонските енергетски капацитети се безбедни, а поради одредени случувања од пред нешто повеќе од една година со нашите стратегиски партнери биле направени сериозни напори за обезбедување на мрежата
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска вели дека сè уште не е разговарано кој ќе го врши киберобезбедувањето, односно дали тоа ќе биде приватна компанија или ќе се прави со државни ресурси
Со закон за кибербезбедност државава ќе ја унапредува заштитата на виталната инфраструктура. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, чиј ресор го води процесот, очекува до крајот на месецот предлог-законот да ја помине владината процедура и на почетокот на јуни да се најде пред пратениците во Собранието.

Еден од секторите кои ќе бидат приоритет во законот е енергетската инфраструктура, односно заштитата на производствените капацитети и електропреносната мрежа од потенцијални кибернапади.
Министерот Андоновски очекува новото законско решение да биде поддржано од сите пратеници бидејќи, како што вели, не станува збор за политички закон, туку за закон кој ќе значи безбедност на целокупното општество.
Тој ова го кажа пред почетокот на Националниот самит за дигитална енергетска и безбедна критична инфраструктура на која ќе стане збор токму овие прашања.
„Имајќи предвид колку кибернападите сега се насочуваат кон критичната инфраструктура и колку на удар може да бидат системите за производство и снабдување со електрична енергија ваквиот сами е од исклучително значење и на него ќе се дискутираат политиките на дигитализација во смисла на енергетиката“,
изјави Андоновски.
Тој посочи дека се оди кон целосна дигитализација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со кое, како што нагласи, имаат воспоставено одлична соработка во делот на услугите кон граѓаните и компаниите.
„Се оди кон целосна дигитализација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини зашто се клучен чинител во изработката на Националната стратегија за кибербезбедност и на Законот за кибербезбедност и се еден од примарните чинители во заштитата и кибербезбедноста. Се надевам дека во наредниот период ќе успееме да изградиме целосен систем кој ќе го штити тоа Министерство и расположливите капацитети на Македонија во делот на енергетиката“,
рече министерот, додавајќи дека цела Европа посветува внимание на ова прашање.
Во моментов, како што вели, македонските енергетски капацитети се безбедни, а поради одредени случувања од пред нешто повеќе од една година, со нашите стратегиски партнери биле направени сериозни напори за обезбедување на мрежата.
„Граѓаните треба да бидат спокојни. Електропреносниот систем е безбеден. Заради некои случки од пред година до година и половина во соработка со нашите стратешки партнери се направени некои сериозни напори за обезбедување на мрежата и во моментов може да кажам дека станува збор за безбеден систем што не значи дека тоа е дадено еднаш за секогаш. Ќе треба дополнително да се работи на нивна заштита. Мислам дека со законот за кибер безбедност ќе обезбедиме патоказ како да се заштитуваат институциите и електропреносниот систем“,
рече Андоновски.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во контекст на значењето на безбедноста на енергетскиот сектор, потсети дека лани во МЕПСО имаше кибернапад кој траеше повеќе месеци.
„Тоа е критична инфраструктура за целата држава и мора да дадеме голем акцент, односно да се заштитени далноводите и целото наше производство и комуникација со хидро и термоцентралите. Тоа е од национално значење како и секаде во светот. Работиме на тоа во соработка со министерот за дигитална трансформација и со законот ќе има и новитети“,
рече Божиновска.

Процесот на заштита на енергетските објекти, како што рече, ќе го води Министерството за дигитална трансформација, а Министерството за енергетика ќе биде вклучено во него.
„За нас е најважно да бидеме безбедни бидејќи тоа е од национално значење. Сè уште не сме разговарале кој ќе врши киберобезбедување – приватна компанија или тоа ќе се прави со државни ресурси, но ќе разговараме понатаму и ќе го избереме она што ќе биде најдобро за граѓаните“,
рече Божиновска, одговарајќи на новинарско прашање.