Меган и јас тргнуваме во непознато, но навистина немавме избор, рече принцот Хари во првото обраќање во јавност по најавата за повлекување на двојката од службените должности во британското кралско семејство.
„Меган и јас не заминуваме никаде. Обединетото Кралство е мој дом и место кое го сакам и тоа нема да се промени“, нагласи принцот синоќа во Лондон во говор на добротворна вечера во организација на „Сентебале“, организација за помош на децата од Јужна Африка кои се болни од СИДА, чиј коосновач е самиот тој.
Двојката пред извесно време на Твитер објави дека ќе се повлече од позициите на високи членови на кралското семејство и ќе настојува да бидат финансиски независни.
„Можам да замислам што сè сте слушнале и читале во изминатите недели. Затоа сакам да ја слушнете висината од мене, колку што можам да ја поделам со вас – не како принц или војвода, туку како Хари. Секогаш ќе имам најдлабока почит кон баба ми, мојот врховен командант. Се надевавме дека и понатаму ќе можеме да ѝ служиме на кралицата, Комонвелтот и на моите воени здруженија, но без јавни пари. Тоа, за жал, е невозможно“,
рече Хари.
„Се помирив со тоа знаејќи дека тоа нема да влијае на мене ниту како на личност ниту на мојата посветеност. Кога јас и Меган се венчавме, бевме возбудени, полни со надеж и подготвени да служиме. Затоа многу ми е жал што заврши вака. Одлука сопругата и јас да се повлечеме не беше лесна“, додаде тој.
Хари рече дека на одлуката ѝ претходеле месеци разговори и повеќе години предизвици, но дека немале друг избор. Според договорот постигнат со кралицата Елизабета и високи членови на кралското семејство, двојката повеќе нема службено да го претставуваат монархот. Од пролет повеќе нема да ги користат кралските титули и ќе се повлечат од должностите, вклучувајќи ги и воените. Ќе ги задржат приватните покровителства и членства во здруженија.