Престолонаследникот во Абу Даби нагласи дека три фактори главно придонеле за нормализирање на животот, а тоа се достапноста на вакцините, континуитетот во тестирањето и новите методи за лекување на пациенти со коронавирус
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) денеска објавија дека ја надминале кризата предизвикана од ковид-19, бидејќи во изминатиот регистрирале најмалку инфекции од летото минатата година.
„Сакам да ве уверам дека нашите животи мора да се вратат во нормала. Благодарни сме му на Бога затоа што ја надминавме оваа криза – безбедно, во добра здравствена состојба и со искуство за кое ја плативме цената, но научивме многу“,
рече престолонаследникот во Абу Даби, Мухамед бин Зајед, пренесе официјалната новинска агенција ВАМ.
Шеикот Мохамед нагласи дека три фактори главно придонеле за нормализирање на животот, а тоа се достапноста на вакцините, континуитетот во тестирањето и новите методи за лекување на пациенти со коронавирус.
Седумте емирати, кои ги сочинуваат ОАЕ, регистрираа помалку од 200 нови случаи на ковид-19 овој месец, што е најниско од август минатата година.
Животот во ОАЕ во голема мера се врати во нормала, но правилата за носење маски и физичко дистанцирање сè уште се во сила.
Дубаи очекува дека милиони луѓе ќе ја посетат шестмесечната изложба „Експо 2020“ во овој град и дека таа ќе има позитивно економско влијание.
