14 елиминирани кандидати за прием за слушатели во седмата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители реагираат дека се дискриминирани на огласот кој беше објавен за 60 кандидати. Велат дека се наоѓаат на добитните места од 40. до 60. место, но не се примени поради квотите за малцинствата.
Сметаат дека Академијата незаконски со Правилник ги изменила условите за избор на тој начин што прво е распишан конкурсот, а потоа е донесен Правилникот.
„Оваа борба нема политичка конотација и ние 14 кандидати воопшто не се знаеме од претходно, но неправдата која ни е нанесена нè сплоти толку силно што ќе се бориме за правда со сите сили до конечна исправка на штетата која ни е нанесена од страна на Академијата“,
пишуваат во отвореното писмо 14-те кандидати од македонска националност.
Тие најавија дека за случувањата ќе ја известат Амбасадата на Франција која многу инвестирала во Академијата, како и Британската и Амбасадата на САД, Канцеларијата на мисијата на ЕУ и претседателот на државата.
Од Академијата за судии и јавни обвинители, пак, велат дека при составување на ранг-листата на слушатели во седмата генерација се испочитувани законските и подзаконските одредби во врска со соодветна и правична застапеност на заедниците кои не се мнозинство. Тврдат дека селекцијата била транспарентна и сеопфатна и траела цела години за да се изберат најдобрите кандидати.
„Доколку Академијата не ги испочитуваше законските и подзаконските одредби во врска со соодветна и правична застапеност на заедниците кои не се мнозинство во РСМ, токму таквото непостапување ќе претставуваше вистинска и единствена основа за поништување на огласот бидејќи само во тој случај ќе се дерогираше една од темелните вредности на уставниот поредок на РСМ“,
пишува во соопштението на Академијата.
Оттаму се повикуваат на членот 9 од Уставот каде се предвидува соодветна и правична застапеност, како и на Правилникот за приемен испит и потенцираат дека селекција на кандидатите може да се врши во текот на целата испитна постапка бидејќи секоја фаза од испитот е елиминаторна.
„Имено, во ставот 1 од членот 10а од Правилникот за приемен испит, стои дека: ’При селекција на кандидатите за прием во почетна обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија‘. Во однос на ова, имајќи предвид дека селекцијата на кандидатите се врши во текот на целата испитна постапка, а од причина што секоја фаза од испитот е елиминаторна, одлуката за утврдување на посебна квота за припадниците на заедниците кои не се мнозинство во РСМ, Управниот одбор може да ја донесе во кое било време во текот на постапката за полагање на приемен испит, а согласно Уставот на РСМ, Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, Статутот на Академијата и Правилникот за полагање на приемен испит“,
велат од Академијата.
