Локалните медиуми јавија за големи проблеми со распределбата на вакцините во Кито, каде што постарите граѓани чекаа по повеќе од осум часа во ред за да бидат имунизирани
Еквадорскиот министер за здравство Мауро Фалкони поднесе оставка по само три недели откако дојде на функцијата следејќи ги стапките на својот претходник, јави ДПА пренесувајќи соопштение на владата во Кито.
„Нашите повозрасни граѓани заслужуваат најголема почит. Она што се случи денеска нема оправдување. Побарав оставка од министерот за здравство и тој ќе биде заменет со д-р Камило Салинас“,
напиша на Твитер претседателот Ленин Морено.
Локалните медиуми јавија за големите проблеми вчера и завчера со распределбата на вакцините во Кито, каде што постарите граѓани чекаа по повеќе од осум часа во ред за да бидат имунизирани, пренесе ДПА.
Фалкони е третиот министер за здравство што поднесува оставка во последните 40 дена.
Неговиот претходник, хирургот Родолфо Фарфан, оставката ја поднесе на 19 март, иако на функцијата стапи на 1 март, а го замени Хуан Карлос Зевалос, кој поднесе оставка кон крајот на февруари поради обвинувања за фаворизирање на вакцините.
Салинас е шести министер за здравство во сегашната влада и петти од почетокот на пандемијата на коронавирусот, соопшти „Ел Универзо“.
Еквадор, латиноамериканска држава со околу 17 милиони жители, досега има регистрирано над 328 000 инфекции и речиси 12 000 смртни случаи поврзани со ковид-19, јави ДПА.
