Армијата на Мали во соопштение го призна нападот и додаде дека војниците се бореле до последен здив, но не беше наведен точниот број на жртви
Екстремисти убија најмалку 60 војници и ранија 40 во напад на воена база во Мали, соопштија денеска цивилни извори и војската, во најновото насилство на милитантите во немирниот регион Сахел во западна Африка.

Групата ЈНИМ, поврзана со Ал Каеда, ја презеде одговорноста за нападот што се случил во неделата врз базата во Булкеси, близу границата со Буркина Фасо.
Воен извор изјави дека во базата имало околу 280 војници и оти терористите ги заробиле сите што не загинале. Армијата на Мали во соопштение го призна нападот и додаде дека војниците се бореле до последен здив, но не беше наведен точниот број на жртви.
Мали, заедно со соседните Буркина Фасо и Нигер, се бори против бунтот на вооружени групи, вклучително и некои сојузници на Ал Каеда и Исламската држава. Нападите на екстремистите се во пораст во тие две земји во последните недели. ЈНИМ воспостави силно присуство во двете земји.
По воените удари во сите три земји во последните години, тие ги протераа француските сили и се обратија до руските платенички единици за помош.
Рида Лиамури, експерт за Сахел во Политичкиот центар за Нов Југ со седиште во Мароко, изјави дека високото ниво на координација во нападите покажува дека ЈНИМ ги планирал веќе некое време.