Тој смета дека сите десет членови на Советот на јавните обвинители постапиле спротивно на членот 62 став 1 алинеја 1 од Законот за јавно обвинителство при разгледувањето на неговата пријава и утврдувањето посебен услов за кандидат за државен јавен обвинител
Поранешниот судија и експретседател на Основниот кривичен суд Скопје, Владимир Панчевски, кој вчера беше дисквалификуван од трката за нов државен јавен обвинител, ќе поднесе кривична пријава против членовите на Советот на јавните обвинители поради нивната одлука.

Панчевски ова го соопшти во објава на неговиот фесјбук-профил, наведувајќи дека кривичната пријава ја поднесува до Министерството за внатрешни работи и до Јавното обвинителство по допрен глас, врз основа на член 272 од Законот за кривична постапка (ЗКП).
Тој смета дека сите десет членови на Советот на јавните обвинители, постапиле спротивно на членот 62 став 1 алинеја 1 од Законот за јавно обвинителство при разгледувањето на неговата пријава и утврдувањето посебен услов за кандидат за државен јавен обвинител.
Имено, како што наведе вчера членката и заменик-претседателка на Советот на јавни обвинители, Марјана Илиеска, согласно законските одредби, кандидатот треба да има најмалку 10 години непрекинат работен стаж од областа на кривичното право, а во конкретниот случај на Панчевски функцијата му престанала пред 13 години и во меѓувреме не бил ниту судија ниту јавен обвинител. Поради тоа, Советот едногласно заклучи дека тој не ги исполнува условите и треба да биде исклучен од листата на кандидати за државен јавен обвинител.
Панчевски преку три одделни објави реагираше на ваквата одлука на Советот, од кои последната се однесува на кривичната пријава што ќе ја поднесе против сите десет членови на ова тело.
Според екссудијата, членовите на Советот со умисла потешко го повредиле неговото законско право бидејќи, како што вели, има потврда за редовен работен однос на местото судија во скопскиот Основен кривичен суд од 8 февруари 2008 до 28 јули 2020 година или вкупен непрекинат стаж од 12 години, пет месеци и 20 дена.
„Исто така во Советот на јавни обвинители како заменик претседател учествувало лице Марјана Илиеска од Прилеп, сопруга на лицето Орде Илиески, осуден за организиран криминал со моја пресуда КОК бр.69/08 од 15.07.2010 година за кривично дело ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ од чл. 279 од КЗ, во предметот Тутунски комбинат Прилеп, (каде се конфискувани 4,5 милиони евра имот од осудените по основ на штета врз буџетот на државата), а пријавената Марјана Илиеска како службено лице обвинител и член на Советот на обвинители била должна да се изземе при гласањето како блиско лице под сомнеж за пристрасност и судир на интереси бидејќи истата знаела и можела да знае дека при одлучувањето постои конфликт на интереси, но го премолчела овој факт“,
наведува Панчевски во објавата.

Тој додава дека кривичната пријава што ја поднесува е предизвик за Јавното обвинителство и МВР да отворат постапка по допрен глас и да расчистат, како што вели, со контаминираните кадри кои незаконски одлучуваат, потешко ги повредуваат правата на граѓаните, носат селективна правда и го рушат угледот на судскиот систем.
„Ги повикувам Владата и органите на прогонот да се охрабрат и веднаш да постапат по оваа пријава за директна злоупотреба од страна на пријавените. Јавноста да го следи случајот! Од сите нас зависи! Инаку за исто кривично дело јас бев обвинет и осуден од овој ист судско-обвинителски корумпиран систем на две и пол години ефективен затвор, но во таа постапка немаше лица на кои им беа повредени права, ме осудија за апстрактна повреда. Да видиме дали законот допира до овие за ваква конкретна потешка повреда на права спротивно на закон“,
додава екссудијата.
Во друга објава претходно, тој наведува дека Советот не смее да толкува закони, туку има обврска ги применува, додавајќи дека сега на потег е Владата.
„Сега на потег е Владата, дали ваквото флагрантно кршење на законот ќе дозволи да им помине или ќе ја поништи оваа незаконска постапка?!“,
вели Панчевски.
Поранешниот судија вчера, кусо откако беше дисквалификуван од кандидат за државен јавен обвинител, објави потврда потпишана од судски администратор, според која, тој има непрекинат работен стаж од 8 февруари 2008 до 28 јули 2020 година.
Спорно, според Панчевски, е тоа што Советот на јавните обвинители се впуштил во толкување на категориите „стекнат стаж“ и „активен стаж“.
„Имено во ставот 1 алинеја 1 е предвиден посебниот законски услов за избор на ДЈО (државен јавен обвинител н.з.), кандидатот да има најмалку 10 години како судија од областа на кривичното право (што значи ‘стекнат стаж’ од 10 години), а не како што толкува Советот да има 10 години стаж до моментот на пријавување. За споредба дека е така видете ја алинеја 3 каде за Виш обвинител се бара непрекинат стаж од 8 години, но до моментот на пријавување што значи ‘тековен активен стаж’ на кандидатот, што е различна правна ситуација и различен услов за различна позиција“,
наведува поранешниот судија во една од објавите на Фејсбук.
За потсетување, Советот на јавните обвинители вчера одлучуваше во рамките на постапката за избор на нов државен јавен обвинител, односно даде мислење во однос на пријавени кандидати.
Филтерот го поминаа четворица од вкупно петтемина пријавени кандидати, по што предлогот за избор на јавен обвинител ќе биде доставен до Владата, која согласно членот 64 од Законот за јавно обвинителство треба да утврди еден предлог и да го проследи до Собранието за гласање.
Членовите на Советот дадоа позитивно мислење за обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и за судијата Ненад Савески. Од трката испадна само поранешниот судија Владимир Панчевски.
