Жестокоста на конфронтациите и безскрупулозноста во политичката реторика не само што го уриваат достоинството на законодавниот дом, туку и го делегитимираат Собранието, коментира поранешниот долгогодишен пратеник Тито Петковски
Тито Петковски, поранешен претседател на Собранието, кој беше пратеник во сите собраниски состави од 1990 до 2014 година, ги осудува блокадите со кои се соочува парламентот, оценувајќи дека народните избраници немаат мандат да седат дома, додека чекаат на ред законикои се од егзистенцијално значење за граѓаните.
„По изминати 30 години од првите повеќепартиски избори, сведоци сме на постојано одложување на седниците на македонското Собрание, од причина што пратениците од опозицијата не сакаат да влезат на пленарна седница, се додека парламентарното мнозинство не обезбеди кворум .Ова е нов и најсовремен „придонес“ на Македонија во развојот на парламентарна демократија на глобален план. Преведено на едноставен јазик тоа значи значи дека, само победниците на парламентарни избори, имаат обврска да одат на седници на Собранието, додека опозициските пратеници се само декор на парламентарниот живот, се додека тие не дојдат на власт. Во тој случај,тие ќе присуствуваат на пленарните седници на Собранието, а новата опозиција ќе си седи дома и ќе си прима полна плата. Каква деформирана свест“,
пишува Петковски на фејсбук.

Неговата реакција следи по денешниот потег на спикерот Талат Џафери, кој ја прекинал редовната понеделничка координација со пратеничките групи, а ја одложи и пленарната седница што требаше да почне утре, откако опозицијата, како што рече, го условувала кворумот, во ситуација кога повторно има пратеници од мнозинството кои се во изолација поради ковид-19.
Според Петковски, состојбата со блокадите во законодавниот дом само покажува дека на политиката се уште се гледа на еден крајно ригиден, макијавелистички , језуистички начин. Не научивме, вели, дека оној другиот, политичкиот конкурент не е непријател, туку важен субјект, кој ни помага подобро да мислиме и поодговорно да се однесуваме при донесување на политичките одлуки.
„Граѓаните се носители на суверенитето и преку пратениците го пренеле на Собранието. После се’, логично се поставува прашањето кој им дал мандат на пратениците од опозицијата да си седат дома, додека на дневен ред на Собранието се прашања од животен интерес на граѓаните. За жал,на сцена е компромитација на самата институција Собрание, кое се повеќе се доживува како орган во кој доминираат интересите на партиските елити и нивните меѓусебни пресметки, а се помалку или воопшто интересите на граѓаните.Жестокоста на конфронтациите, на политичките разлики и безскрупулозноста во политичката реторика, не само што го уриваат достоинството на законодавниот дом, туку и го делегитимираат Собранието како клучна институција на политичкиот систем“,
нагласува претседателот на владејачката НСДП.
Според него, за сериозен политички пресврт се потребни, пред се, како што вели, нови човечки ресурси, со многу повисоки квалитети.
„Ова е време на предизвици и можности за докажување на тој план. Во услови на целосно изместен вредносен систем и потреба за изградба на нов, умните, образовани, инвентивни, креативни луѓе не смеат да се држат на страна. Доколку продолжи заедничкото тонење, воопшто нема да би важно кој има поголема вина“,
реагира Петковски.