Љупчо Пецов, познат под прекарот Ѓаволот, е осомничен во случајот „Синџир“, за кого постапката беше прекината бидејќи е во бегство
Осомничениот во случајот „Синџир“ Љупчо Пецов-Ѓаволот е лицето за кое поранешниот државен правобранител Фехми Стафа требало да издејствува укинување на мерката притвор, дознава „360 степени”. Стафа, кој вчеравечер беше уапсен за примање поткуп во периодот од октомври до 13 декември годинава, во кој добил 50 000 евра од сестрата на Пецов, требало да посредува и да влијае кај судија во Апелациониот суд Скопје.
Стафа, кој е адвокат на Пецов во овој случај, пред неколку месеци поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор во отсуство на Пецов, за што била понудена и гаранција. Инаку, Пецов е недостапен за органите на прогонот.
Љупчо Пецов-Ѓаволот е еден од осомничените за финансиски криминал во „Синџир“, случај што беше отворен кон крајот на октомври 2023 година. Во истрагата беа опфатени 26 лица, сопственици и управители на 28 фирми, осомничени дека создале шема за даночно затајување, преку која со издавање фактури со ДДВ за наводно извршени набавки, кои не постоеле, го оштетиле државниот буџет за околу осум милиони евра.
Во случајот, Љупчо Пецов, заедно со Стојан Чифлигароски, кој исто така е во бегство, се осомничени дека се организатори на групата која вршела даночни затајувања. Дополнително, наведено е дека токму фирмата на Пецов, „Алма-комерц Ангел Пецов“ ДООЕЛ изготвувала фактури за фиктивни услуги и со тоа го намалувала ДДВ-то што требало да го плати.
Во врска со апсењето на Стафа, ОЈО ГОКК денеска соопшти дека тој на 6 октомври годинава примил 30 000 евра од побараните 100 000 евра, кои му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13 декември 2025 година, осомничениот директно побарал и примил дополнителни 20.000 евра, наводно за поткуп на судијата.
Веднаш по примањето на парите, Фехми Стафа е лишен од слобода. Обвинителството бара да му се определи притвор.
