Владимир Ѓорчев не е пратеник од август минатата година, а подолго од една година е меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, со мандат, веројатно, до крајот на оваа година, кога треба да се одржи изборниот конгрес на опозициската партија
Владимир Ѓорчев, кој долги години и во повеќе мандати ги бранеше боите на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот, а моментно е секретар за меѓународна политика на партијата, објави дека преминува во приватниот сектор, односно дека отвора своја фирма за маркетинг, консалтинг, трговија и услуги.
„Решив да работам во реалниот сектор. Приватно, во своја фирма, во областа на маркетингот, советувањето, трговијата и услугите. Во Македонија секогаш има пофалби и критики. Ако имав државна работа – ќе имаше критики. Ако одиш приватно – повторно критики и неколку честитки“,
напиша Ѓорчев на Фејсбук.
По долгогодишен стаж во Собранието, од речиси 1,5 деценија, Ѓорчев не е пратеник од август минатата година, кога беше конституиран 10.состав на македонскиот парламент, а тој не беше кандидат на изборите што се одржаа на 15 јули.
Пред околу една година, Ѓорчев беше именуван за меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, позиција што ја извршува заедно со Тимчо Муцунски, новиот графоначалник на Аеродром. Мандатот на псартиската функција би требало да му трае до крајот на годинава, односно до изборниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на тоа што во декември стекува четиригодишниот мандат на Христијан Мицкоски на чело на партијата.