Српскиот претседател денеска пред новинарите изјави дека српските вооружени сили успеале да спречат акција против виталните интереси на земјата и дека Србија безмилосно ќе се справи со секој што мисли дека ја загрозува нејзината витална инфраструктура
Вучиќ соопшти дека за случајот веднаш телефонски разговарал со унгарскиот премиер, Виктор Орбан
Експлозив со голема разорна моќ бил пронајден на свеверот на Војводина во близина на гасоводот „Балкански тек“, објави денеска српскиот претседател, Александар Вучиќ, пренесоа тамошните медиуми.

Екпслозивот, како што се наведува, бил пронајден во рамките на истрага поврзана со загрозување на гасната инфраструктура што ги поврзува Србија и Унгарија.
Српскиот претседател соопшти дека за случајот веднаш телефонски разговарал со унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
„Го запознав со првичните резултати од истрагата на нашите воени и полициски власти во врска со загрозуавњето на критичната гасна инфраструктура што ги поврзува Србија и Унгарија“,
објави Вучиќ на Инстаграм.
Во објавата, тој додава дека покрај експлозивот биле пронајдени и детонатори за негово активирање.
Нешто подоцна денеска, во Белград, за време на обиколка на градилиштето за изложбата „Експо“, Вучиќ соопшти повеќе детали за случјот. Според него, недалеку од населбата Велебит на северот на Војводина, на неколку стотини метри од гасоводот „Балкански тек“, во два ранци биле пронајдени два големи пакети со експлозив и детонатори, кои, како што кажа, можеле да загрозат голем број луѓе и да предизвикаат голема штета на снабдувањето со гас на Србија и Унгарија.
„Имаме индиции, истрагата е во тек. Само што завршви со разговорот со Виктор Орбан. Очигледно, геополитичката игра нема да нè остави на мир“,
рече Вучиќ, пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Тој додаде дека разузнавачките агенции на Србија добро си ја завршиле работата.
Српскиот национален радиодифузер – РТС претходно објави дека полицијата и војската го пребаруваат подрачјето на северот од Србија во општина Кањижа, петнаесет километри од границата со Унгарија, во областа на селата Трешњевац, Војвода Зимоњиќ и Велебит.
Радиодифузерот објави дека пребарувањето се спроведува од земја, со контрола и координација од воздух, и дека хеликоптери го наделетуваат подрачјето. Исто така, во акцијата биле употребени беспилотни летала, кучиња за трагање, уреди за термичко снимање и друга опрема, како и тимови за контрасаботажа.
Пребарувањето, како што објави РТС, се спроведува по наредба на Вишото јавно обвинителство во Суботица.
Засега, надлежните органи не објавија никакви информации за дејствувањето на безбедносните сили на северот од Србија.
Инаку, на 19 март, како што потсетува РСЕ, припадниците на српските вооружени сили започнаа со зголемено обезбедување на компресорската станица „Велика Плана“ во Жабари, на истокот од Србија и на гасоводот „Балкански тек“ што транспортира руски гас од Турција до Унгарија.
Ова се случи по најавата на Вучиќ дека војската ќе ја чува главната компресорска станица во Жабари од безбедносни причини поради ситуацијата на Блискиот Исток.
Српскиот претседател денеска пред новинарите изјави дека српските вооружени сили успеале да спречат акција против виталните интереси на земјата и дека Србија безмилосно ќе се справи со секој што мисли дека ја загрозува нејзината витална инфраструктура.
Како што додаде, деталите што ќе ги изнесе војската, првенствено контраразузнавачката служба, односно Воената безбедносна агенција, по што може да се дискутира за подетално за случајот.
„Сите оние на кои им е доделена задача да ја зачуваат клучната гасна инфраструктура ќе ве информираат во текот на денот. Ова многу менува во нашите односи. Ние ја браниме компресорската станица буквално како Крагуевац и Ниш. Ниту птица не може да лета таму, што, патем, дополнително ја зајакнува одбраната на Шумадија, Поморавље, Браничево. Но, ова се случи во северна Војводина. За среќа, нашите разузнавачки служби направија добра работа“,
рече Вучиќ.

Тој изрази очекување дека овој проблем ќе биде решен без човечки жртви и без никакви трагични последици.
„Постојат одредени индиции за кои не можам да зборувам. Таму има голем простор, има и големо езеро, па затоа бараа долго, долго време, а хеликоптерските единици многу помогнаа. Но, очигледно е дека светот, или поточно геополитичките игри, нема да нè остават сами и затоа мора да демонстрираме највисоко ниво на борбена способност. Безмилосно ќе се справиме со секој што мисли дека ја загрозува виталната инфраструктура на Република Србија. Безмилосно“,
нагласи Вучиќ, пренесе РТС.
