Првиот човек на украинското МВР соопшти дека експлозивот го активирал маж кој бил приведен и доведен на сослушување во судот. По активирање на експлозивот, тој починал на самото место, а во несреќата се повредени двајца припадници на специјалната полиција
Во окружниот суд во областа Шевченко во центарот на Киев, денеска нешто по 17 часот се случи експлозија.

Првиот човек на украинското Министерство за внатрешни работи, Ихор Клименко, соопшти дека експлозивот го активирал маж кој бил приведен и доведен на сослушување во судот. По активирање на експлозивот, мажот починал на самото место, а во несреќата се повредени уште двајца припадници на специјалната полиција.
Обвинетиот Ихор Хуменјук, кој ја предизвика експлозијата, како што објави „Киев индепендент“, бил обвинет за активирање на граната во близина на зградата на украинскиот парламент за време на протести во август 2015 година, при што загинале тројца припадници на украинската Национална гарда, а биле ранети повеќе од 140 луѓе.
Протестот на кој Хуменјук ја активирал гранатата во 2015 година се одржал против законски измени со кои би им се дало поголема автономија на проруските сепаратисти во источна Украина.