Предизвикан е голем прекин на водоснабдувањето во регионот, а сомнежите на косовските власти се дека целта била да се блокира протокот на вода што се користи за ладење во процесот на производство на електрична енергија во термоелектраните.
Силна експлозија се случи синоќа во селото Варага во Зубин Поток, северно Косово, од која е оштетен каналот за вода Ибар-Лепенец. Предизвикан е голем прекин на водоснабдувањето во регионот, а сомнежите на косовските власти се дека целта била да се блокира протокот на вода што се користи за ладење во процесот на производство на електрична енергија во термоелектраните.

На вонредна прес-конференција доцна синоќа косовскиот премиер Албин Курти рече дека овој напад бил извршен од професионалци со цел да се оштети критичната инфраструктура на Косово.
„Нападот го извршиле професионалци. Ние сме убедени дека доаѓа од бандите предводени од Србија. Доколку не се санира штетата, тогаш дел од Косово ризикува да остане без струја,“
рече Курти.
Тој најави дека веднаш по прес-конференцијата ќе се сретне со командантот на мисијата на НАТО во Косово, КФОР, и свика состанок на Советот за безбедност на Косово.
„Ова е напад, трета експлозија во последниве денови, чија цел беа нашите институции, и има за цел да поттикне страв. Ваквите обиди ќе останат неуспешни бидејќи уставноста во нашата земја, владеењето на правото, редот и нашата република никој нема да ги порази,“
додаде Курти.
Во последните два дена имаше уште неколку инциденти на косовскиот север, населен со мнозинско српско население. Во Звечан бомби беа фрлени врз полициската станица и во дворот на општината. По овие два напади, косовската полиција вчера соопшти дека ги зголемила безбедносните мерки на ниво на државата.