Џастин Бронк од Кралскиот институт за обединети услуги анализира што може да се случи во следните денови во Украина
Кралскиот институт за обединети услуги од Велика Британија, кој се занимава со анализа на безбедносни и одбранбени прашања, денеска ја ажурираше мапата за тоа каде се водат борбите меѓу украинските и руските сили. На оваа мапа се прикажани три региони: Киев, Одеса на југ и Донбас на исток.
Киев
Централниот дел на Киев сè уште повремено е ракетиран со крстосувачки и балистички ракети, додека тешките борби се водат во северните предградија.
Но, Русите имаат ограничен капацитет. Се работи за релативно мали напади со еден баталјон – што не е доволно за да постигнат голем напредок.
„Во овој момент не мислам дека Русија може да го заземе центарот на градот. Мислам дека тоа не е можно со борбената моќ што ја имаат“,
вели Џастин Бронк.
И покрај тоа, Русија ќе го задржи притисокот врз главниот град за да се обиде да ја принуди Украина да подаде рака во разговорите за прекин на огнот, вели тој.
Одеса
Руските поморски сили се во поход напред и вчера го гранатираа пристанишниот град Одеса пред повторно да се вратат назад. Но утрово повторно се доближија, вели Бронк.
Тој смета дека целосен напад од море на Одеса може да биде закана за Украина, но дека Русија сè уште не е во идеална позиција да започне таков напад бидејќи копнените трупи кои би ја поддржале морнарицата се премногу далеку – односно тие се задржани во нивниот напредок кон градот Миколаев.
„Ако Русија сепак започне поморски напад врз Одеса, би очекувал да се соочи со многу загуби. Би било интересно да се види дали се толку очајни“,
вели Бронк.
Регионот Донбас
Најтешките борби продолжуваат да се водат на исток, особено околу окупираниот од Русија, Луганск.
„Руските сили таму се обидуваат да се префрлат на запад преку Днипро за да се поврзат со нивните војници од југ – ако успеат во тоа, ризикот е дека украинските трупи кои се уште се наоѓаат во регионот на Донбас ќе бидат опколени“,
анализира Бронк.