Српскиот претседател Александар Вучиќ информираше дека експертите од Федералната служба на Руската федерација денеска започнале со работа
Посетата на експерти од Федералната служба на Русија ќе придонесе да се „разоткријат уште некои лаги“ што ги користи опозицијата, рече српскиот претседател Александар Вучиќ, повторувајќи го ставот дека српската полиција не користела звучен топ на протестот на студентите во Белград кој се одржа на 15 март. Вучиќ кажа дека експертите ќе останат во Србија околу една седмица, по што ќе излезат со свој став за звучниот топ.
Посетата на руските служби доаѓа откако премиерот во технички мандат, Милош Вучевиќ претходно изјави дека Србија побарала помош од американските и руските тајни служби да спроведат независни истраги и да утврдат дали на протестите бил употребен звучен топ или не. Претседателот Вучиќ пак соопшти дека се спремни проверка да направи и Европската унија.
Претходно, министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, на прес-конференција соопшти дека полицијата поседува т.н. акустични уреди кои служат за предупредување на масовни собири кога има голем број луѓе на големо растојание. Такви уреди биле поставени на полициските џипови пред српскиот парламент за време на протестот што се одржа во Белград на 15 март.
Дачиќ ги отфрли обвинувањата дека станува збор за звучен топ кој бил употребен кон толпата. Според него, овие уреди воопшто не биле употребени за време на протестот, а за да ги увери новинарите, по прес-конференцијата ги одведе во дворот на зградата на полицијата за да им го покаже возилото на кое бил поставен уредот.
„Тоа се акустични уреди и се во режимот на слободна трговија. Друга можна опција е она за што зборуваат, што е строго забрането и никогаш не се користи. Кога сме веќе кај тоа, можевте и самите да се уверите. Како што кажав на самата веб-страница на ‘Генесис’, 100 земји имаат LRAD-уреди. Овие уреди се користат во 100 земји, во САД во 550 града“,
кажа Дачиќ.
Пратеничката од опозициската Партија на слободата и правдата, Мариника Тепиќ претходно изјави дека Министерството за внатрешни работи на Србија купило седум уреди LRAD 450Xl, како оружје за психичко и физичко мачење на граѓаните на улица.
Таа покажа документ од кој се гледа дека МВР бара набавка на 16 звучни топови од два типа, седум тип 450 xl и девет тип 100. Тепиќ објави и фотографија од уредите поставени на полициските возила за време на протестот.
Партијата на слободата и правдата поднесе кривична пријава против српскиот претседател Александар Вучиќ и други одговорни лица за, како што е наведено, „спроведување политички терор и брутално кршење на човековите права“.