Експерти од Европската агенција за лекови (ЕМА) престојуваат во Москва за да ја проценат вакцината „спутник В“ против ковид-19, објавија денеска руските медиуми наведувајќи дека претставниците на ЕМА ќе ги посетат и производствените капацитети.
Според новинската агенција „Интерфакс“, претставниците на европското регулаторно тело, кое иницираше анализа на руската вакцина на почетокот на март, посетиле две клиники каде што се спроведуваат третите клучни фази од клиничките испитувања на „спутник В“ и разговарале со медицинскиот персонал.
„Можеме да кажеме дека е во тек конструктивен дијалог“,
изјавил извор на „Интерфакс“.
ЕМА сè уште не даде одобрение за „спутник В“, иако Унгарија, како членка на ЕУ, ја одобри руската вакцина на национално ниво по кратка постапка, а во меѓувреме неколку земји од ЕУ покажаа интерес за договор со Русија за набавка на вакцината, меѓу кои и Германија најави дека ќе води билатерални разговори околу ова прашање.