Во моментов тече состанок на стручен тим од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) со претставници од клиничката болница „Жан Митрев“ за да се утврди дали испитувањата врз пациентите кои се лекувале таму се вршени согласно важечките прописи
-Многу сте сигурни дека се правени експерименти. Јас би повикал да бидеме внимателни во тоа што го кажуваме… Eксперимент е тежок збор, посочи Сали
Дали во клиниката „Жан Митрев“ се правеле хемофилтрации на пациенти кои не биле во тешка состојба, дали се молчело за болнички инфекции, дали пациентите без да знаат биле дел од клиничко испитување – се прашања за кои министерот за здравство, Беким Сали, побара трпение од јавноста за да се утврди состојбата во приватната установа, за која Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави шокантни податоци и сведоштва за познатиот, скап метод на лечење на пациенти од ковид-19.
Министерот кажа дека хемофилтрацијата се користи кај пациенти во тешка состојба и дека се применува по проценка на лекар, во зависност од состојбата. Овој метод им е познат и на државните клиники, го користат КАРИЛ и Кардиохирургија, посочи тој, и вели дека тоа што директорката на државната Инфективна клиника изјавила дека не го користеле методот за третман на пациенти од ковид-19, укажува на тоа дека оттаму сметале оти не е целисходен.
„Не бранам никого. Дали може некој да потврди која терапија била најсоодветна за ковид? Останува на медицината тоа да го докаже во иднина, која е успешна, која е промашена метода“,
посочи Сали.

Во однос на случајот со Брезеви кои сведочеа за ИРЛ дека член на нивното семејство, покрај лекувањето од ковид, добил низа интрахоспитални инфекции, а бил подложен и на хемофилтрација на крвта, министерот посочи дека решен е случајот да се тера до крај и повторни дека никој не е над законот.
Во моментов тече состанок на стручен тим од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) со претставници од клиничката болница „Жан Митрев“ за да се утврди дали испитувањата врз пациентите кои се лекувале таму се вршени согласно важечките прописи. Директорот на МАЛМЕД, Лирим Шабани, кажа дека пратил инспекција во клиниката уште пред да се емитува документарното истражување, но дека им треба време да ги проверат наодите.
„Ако се врши клиничко испитување, или имаме одобрение или немаме, или сме почитувале протокол или не, или имаме изјави потпишани од пациенти или не – сето тоа беше побарано пред 5 дена до вчера тие документи да ги достават. Вчера доставија дел од таа документација, денеска заедно со нив физички се разгледува. Утре ќа имаме Комисија за клинички испитувања, ќе следи Етичка комисија, за кратко време ќе излеземе и ќе кажеме точно што се правело таму“,
посочи Шабани.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат ДСЗИ, Иринка Бухова, посочи дека во последните три години во „Жан Митрев“ имало 3 редовни и 9 вонредни инспекциски контроли.
„ДСЗИ констатираше одредени недостаоци, динамика на пријавување заразни болести и изолати, и констатиран е пропуст во начинот на водење на лица. Забелешките беа отстранети“,
кажа Бухова.
Вo однос на фактот што докторот Жан Митрев самиот во студија јавно наведува дека постојат интрахоспитални инфекции во неговата болница, Бухова одговори дека доколку ги имало, тие требало да се пријават во Центарот за јавно здравје.
„Институцијата ја пријавува инфекцијата во Центар за јавно здравје. Центар за јавно здравје прави епидемиолошки увид и наложува мерки. Во истовреме го информира ДСЗИ за наложените мерки, а ние одиме да провериме дали мерките кои се наложени се испочитувани. Да не ги мешаме институциите“,
кажа Бухова и потенцира дека ДСЗИ ниту дава ниту одзема дозволи за приватни клиники.

Документарното истражување на ИРЛ, насловена „Нечиста крв“, сè уште ја бранува јавноста. Обвинителството пред два дена соопшти дека оформиле предмет по допрен глас, a Владата го задолжи ресорното министерство до денеска да ѝ достави информација.
Според истражувањето на ИРЛ, приватната болница која прими најмногу пациенти за време на ковид-19 пандемијата и во која лекувањето чинеше десетици илјади евра, го применувала методот хемофилтрација (филтрирање на крвта) кој, практично бил клиничка студија. Наспроти домашното законодавство, клиничките студии не биле пријавени и одобрени од МАЛМЕД.
Во научните трудови објавени врз основа на клиничките студии во „Жан Митрев“ пишува и дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето. Тоа го тврдат и дел од роднините на починати пациенти во болницата. Според Центарот за јавно здравје – Скопје, клиниката „Жан Митрев“ ниту еднаш не пријавила појава на интрахоспитални инфекции, иако по закон треба да го извести овој државен орган.
Наспроти реакциите во јавноста дека во познатата клиника се правеле експерименти и дека пациентите се третирале како заморчиња, ресорниот министер сè уште е резервиран за коментар.
„Многу сте сигурни дека се правени експерименти. Јас би повикал да бидеме внимателни во тоа што го кажуваме… експеримент е тежок збор“,
кажа Сали и посочи дека според законот, во отпусните писма од болница, пациентите и нивните блиски може да видат каков третман се користи при лекување.