Тевдовски беше министер во владата на Заев од 2017 година, а беше разрешен на 27 јуни 2019 со т.н. „метла“, иако неговото име во јавноста не беше поврзано со некој скандал
Ексминистерот за финансии Драган Тевдовски од неодамна е советник на извршниот директор во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, потврдија за „360 степени“ од Народната банка. Тевдовски е задолжен за Холандско-белгиската конституенца, во која членува и нашата земја, а секој од советниците на извршниот директор е задолжен за соработката на ММФ со земјата од која доаѓа и со други земји, зависно од насоките од извршениот директор.
Претходно, од Владата ни посочија дека претставникот на земјата во ММФ го назначува гувернерот на централната банка.
Тевдовски беше министер во владата на Заев од 2017 година, а беше разрешен на 27 јуни 2019 со т.н. „метла“, иако неговото име во јавноста не беше поврзано со некој скандал.
„Чест ми е што ја водев најдобрата институција во земјата. Се гордеам што имав одличен тим со кој не се плашев да влезам во ниту една битка. Благодарност до вработените во Министерството за финансии што беспоштедно работеа да ги спроведеме реформите. Најголемата награда за мене за овие две години доаѓа деновиве кога насекаде граѓани ме застануваат и ми велат: ‘браво и главата горе’. Тоа е за мене најдобриот начин да се излезе од едно министерство. И затоа со крената глава и целосно посветен му се враќам на Економскиот факултет“,
напиша Тевдовски на својот фејсбук-профил по разрешувањето.
Судирот со Анѓушев
Бранимир Јовановиќ, кој му беше советник на Тевдовски, во интервју за „360 степени“ бурно реагираше на одлуката на премиерот Заев, „метлата“ да го зафати и министерот за финансии.
„Не очекував дека ќе биде сменет. Не сакам да звучам нескромно, ама мислам дека Министерството за финансии работеше навистина солидно изминативе две години, што се гледа и од резултатите. Буџетските приходи никогаш не биле подобри, дефицитот е намален, јавниот долг исто така, сите исплати се вршат редовно (за разлика од претходно), транспарентноста е значајно подобрена, бевме вклучени во многу важни закони кои ги намалуваат сиромаштијата и нееднаквоста (растот на минималната плата, социјалната реформа, прогресивниот данок…), економскиот раст заживеа, државата доби подобрување на кредитниот рејтинг по 13 години… Со вакви резултати, би кажал дека никој не можеше да ја очекува смената“,
изјави тогаш Јовановиќ, кој и самиот деновиве замина за Виена, во уште една реномирана економска меѓународна институција, Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
Иако официјалната причина за заминувањето на Тевдовски беше „лични причини“, една од шпекулациите беше дека тој е отстранет поради судирот со тогашниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев како претставник на бизнис-заедницата околу прогресивниот данок.
Неколкуте коментари на Јовановиќ на социјалните мрежи како: „Кај нас, ако ти не се наметнуваш, некој корумпиран хохштаплер ќе се наметне, и ќе работи против тебе“ и неговата изјава за ТВ 21 во 2017 пред да стане советник: „Да се назначи претставник на бизнис-заедницата за вицепремиер е отприлика исто како да назначите човек којшто љуби да пие, да чува визба во којашто има складирано алкохол“, алудираа токму на втората варијанта.
На директно прашање од „360 степени“ на кого мисли, Јовановиќ кусо одговори: „Би оставил јавноста сама да препознае“.
За втората изјава, пак, Јовновиќ беше дециден дека не мислел на Анѓушев лично, туку „на принципот да се назначи за вицепремиер претставник на бизнис-заедницата“, бидејќи, кога го кажал тоа, не се знаеше уште кој ќе биде избран на тоа место.
Но на прашањето дали со разрешувањето на Тевдовски, всушност, победил Анушев, Јовановиќ вели: „Не знам дали Кочо Анѓушев победи со разрешувањето на Драган, попрво би кажал дека граѓаните изгубија.“
Професорот Тевдовски
По разрешувањето, Тевдовски најави дека ќе се врати на Економскиот факултет во Скопје, од каде што дојде во ресорот финансии и каде што работеше од 2002 година, почнувајќи од помлад асистент, а од 2010 година се стекнува со титулата доктор по економски науки, каде што предаваше квантитативни методи во финансии и статистика за бизнис и економија.
Во биографијата што беше објавена на страницата на Владата се наведува дека во 2016 година ја добил наградата „Најдобар научник“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во областа на општествените науки за 2015 година, а истата година, врз основа на анкетата на порталот fakulteti.mk, е избран за еден од „најинспиративните професори во Македонија“.
Автор е на 45 научни труда и 8 политички анализи, а некои од неговите трудови се објавени во престижни научни списанија: Economics of Transition, Economic Systems, Empirical Economics, Empirica, European Journal of International Management, Romanian Journal for Economic Forecasting, Global Labour Journal, Croatian Economic Survey и Economic Annals.