Дека Судот го прифатил предлогот на Обвинителството на Бектеши да му биде заменета мерката затворски во куќен притвор, во изјава за „360 степени“ потврди неговиот адвокат, Еленко Миланов, кој вели дека судот одлучувал уште вчера
По речиси два месеци поминати во затворски притвор, од вчера во куќен притвор е и поранешната државна секретарка во Министерсвото за економија, Размена Чекиќ- Дуровиќ, откако и за неа Обвинителството побара замена на мерката за обезбедување присуство
Поранешниот министер за економија и висок функционер на ДУИ, Крешник Бектеши од вчера е во куќен притвор. Основниот суд во Кочани го прифатил предлогот на Основното јавно обвинителство Кочани затворскиот притвор на Бектеши да му биде заменет со куќен.

Дека Судот го прифатил предлогот на Обвинителството за Бектеши, во изјава за „360 степени“ потврди неговиот адвокат, Еленко Миланов, кој вели дека судот одлучувал уште вчера.
„Бидејќи станува збор за поблага мерка судот е должен да одлучува веднаш и предлогот за куќен притвор е прифатен“,
ни изјави Миланов.
Тој вели дека сè уште не го добил решението за куќен притвор, бидејќи како што вели најверојатно му е испратено по пошта.
„Очекувам да го добијам овие денови, но тоа е одлуката“,
додаде адвокатот.
Информација дека Бектеши е во домашен притвор заедно со фотографија од пристигнувањето во неговиот дом и средба со најблиските, е објавена и фејсбук-страницата што го носи неговото име.
Во објавата се наведува дека обвинувањата кон него не биле ништо повеќе од клевета насочена кон една чесна јавна личност, која со години е моќен глас на вистината и правдата.
„Иако Крешник денес е ослободен од затвор, ова не претставува амнестија, ниту доказ дека правосудниот систем функционира правилно. Напротив, оваа задоцнета слобода е јасен потсетник дека тој беше и останува жртва на длабока неправда…Овој настан не е крај на битка, туку повик да се потсетиме дека вистинската правда не е само ослободување на невин човек, туку и казнување на оние кои неправедно го држеле зад решетки“,
се наведува во објавата.
За потсетување, Бектеши беше во затворски притвор од самиот почеток на истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во кое загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.
Ексминистерот е под истрага во врска со лиценца што ја имала фирмата што управувала со објектот во Кочани, а на која потпис ставил Бектеши.
Поради фалсификувана лиценца издадена во март 2024 година во истрагата беше опфатена и поранешната државна секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ- Дуровиќ.
И таа, по речиси два месеци поминати во затворски притвор, од вчера во куќен притвор е Чекиќ- Дуровиќ, откако и за неа Обвинителството побара замена на мерката за обезбедување притвор, пренесоа дел од медиумите.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија вчера соопштија дека за уште 18 лица е предложено продолжување на претходно определените мерки притвор и куќен притвор.
Оттаму додадоа и дека обвинителскиот тим кој постапува во предметот на Основното јавно обвинителство Кочани, во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ ги привршува дејствијата на распити на сведоци – очевидци на настанот.
„Интензивно се работи на повеќе вештачења и се вкрстуваат податоците од анализите на обезбедените електронски уреди“,
рекоа вчера од Обвинителството.
Претходно, затворскиот со куќен притвор, на предлог на Основното јавно обвинителство Кочани, им беше заменет на поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, на ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски, на еден инспектор од оваа институција и на член на обезбедувањето на клубот.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи рано изутрина на 16 март, животот го загубија 62 лица, а со повреди се здобија околу двесте.
За трагедијата која ја потресе целата држава истрага се води против 68 физички и три правни лица.