Привременото суспендирање на ИПАРД II програмата за земјоделство во Албанија, по сомневањата на ЕУ за корупција, е само врвот на „сантата мраз“ на грант-пакетот вреден 94,6 милиони евра. Програмата во земјата е трансформирана во „ексклузивен клуб“ за големи компании и компании поврзани со политика и криминал
И во Северна Македонија има индиции дека ИПАРД програмата не е имуна на политички и бизнис врски, но тие се само спорадични во споредба со Албанија
Автори: Аида Циро, Александар Димитриевски, Гери Емири
Пренг Дода, пензиониран агроном, деновите ги поминува шетајќи по семејното лозје во селото Тена во Мирдита, Албанија. Импровизирана воденица е единствениот објект што се движи на фармата, изградена над мало вештачко езеро што Дода сам го направил.
Иако според традицијата треба да го гледате гостинот во очи, за Пренга е речиси невозможно да се концентрира. Додека зборува, најчесто гледа во карабината која изгледа како да му го „украла срцето“ на стари години.
Веќе 15 години неговото семејство работи лозје со неколку сорти грозје од кои произведуваат вино. На 2 хектари лозови насади има изградено карабина, во чиј подрум има винарска визба, каде со стара опрема произведува вино кое подоцна се дистрибуира во околината.
„Со свои сили изградив винарска визба, а потоа се пријавив во Агенцијата за земјоделство и рурален развој, ИПАРД, за да добијам мала помош и поддршка, особено за складиштето за вино и за опремата во него.
Го подготвив проектот заедно со некои инженери и специјалисти, но критериумите беа многу тешки за постигнување“,
рече Дода.
Земјоделците во Албанија, во Северна Македонија како и во регионот, веќе долги години имаат златна можност да аплицираат за поддршка преку фондовите на Европската унија за земјоделството. Целта е да се подготват земјите од Западен Балкан за нивно целосно пристапување во ЕУ.
Сепак, податоците покажуваат дека ИПАРД Програмата во Албанија и Северна Македонија се трансформираше во извор за зајакнување пред се на добростоечките компании. Ќарот за малите земјоделци засега е ограничен, а програмата на многумина им изгледа далечна.
Во 2018 година, Агенцијата за земјоделство и рурален развој (АРДА) во Албанија, беше акредитирана за ИПАРД II Програмата, за распределба на грантови со вкупен буџет од 94,6 милиони евра, од кои 71 милион евра издвои Европската комисија, а 23,6 милиони евра беа распределени од националниот буџет на албанската држава. Или, 75% пари од ЕУ, 25% пари од албанскиот буџет.
Истите проценти за финансирање и кофинансирање беа употребени и за Северна Македонија, со нешто помали суми. ИПАРД II имаше буџет од 80 милиони евра, од кои 60 милиони евра пари на ЕУ и 20 милиони од домашниот буџет. Од овие пари, до мај 2023 г., Северна Македонија потроши 49,2 милиони евра. Поголемиот дел од преостанатите средства се веќе резервирани, односно за нив се потпишани договори, но не се исплатени кон корисниците поради различни причини. Институцијата која ја спроведува програмата во Северна Македонија е Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Третата фаза од програмата се очекуваше да започне оваа година и за двете земји. Но, Европската комисија презеде екстремни мерки против Албанија. Брисел одлучи привремено да ја суспендира Програмата за поддршка на земјоделството, врз основа на сомневања за корупција во распределбата на грантови, наведени од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).
Доколку се потврдат сомнежите, Албанија ризикува да не продолжи со ИПАРД III фазата, која предвидува грантови до 146 милиони евра. Анализата на корисниците на ИПАРД програмата во Албанија и Северна Македонија, разоткрива врски со политиката, јавната администрација и криминалот.
Во Албанија беше анализиран примерок од 126 корисници на ИПАРД (од вкупно 510 добитници на средства), кои АРДА ги промовираше преку нивната онлајн брошура и веб-страница. Произлезе заклучок дека меѓу корисниците има лица со криминално досие, кои имаат врски со политика, кои имаат нефункционални компании и семејни шеми за измами.
ИПАРД „бебиња“
Спроведувањето на ИПАРД II програмата во Албанија, особено во првите години, привлече апликации од компании и луѓе кои „доста доцна ја открија својата страст за земјоделството“.
50 компании кои искористиле европски пари, од вкупно 126 анализирани, се регистрирани за прв пат во годините на започнувањето на програмата, меѓу 2018 и 2021 година. Односно, не постоеле пред во земјата да стигнат европските пари за земјоделство.

„Верувам дека ова е јасен знак за клиентелизам во изборот на корисниците, кои во многу случаи немаат силни или одржливи врски со земјоделските или агроиндустриските активности.
Преку нивните лични врски, како и врските со високото ниво на политика и администрација, тие успеаја да извлечат поддршка од оваа програма“,
коментира експертот за земјоделски политики, проф. д-р Ндок Фаслија.
Елвис Роши беше градоначалник на општина Каваја од 2011 до 2016 година. Мандатот му беше пркинат кога се увиде дека го фалсификувал формуларот за неосудуваност. Сокрил пресуда од страна на правосудниот систем во Италија за кривичното дело силување во 1995 година. За фалсификувањето на формуларот тој беше осуден на 60 часа општокорисна работа од Судот во Тирана. По напуштањето на градоначалничката функција, се чини дека Роши ја открил својата страст за земјоделството и на 5 август 2019 година ја основал компанијата „КАВАЛЈОН“, која го добила името по, како што се чини, старото име на Каваја. Аплицирал на ИПАРД повик и прво добил 70 178 евра, за стаклена градина, проект кој започнал на 4 мај 2021 година. Подоцна добил уште 180 309 евра, па на 28 јули 2021 година можел да започне со реконструкција на зграда со цел да ја претвори во сместувачки капацитет.
Но, по добиени 250 487 евра, Роши станува лице по кое „се трага“ од страна на АРДА! Од Агенцијата, за Амфора медиа потврдија дека „КАВАЛЈОН“ е еден од десетте бизниси од кои се бара да ги вратат добиените средства, затоа што не ги исполнувале критериумите за спроведување на програмата и предметот завршил на суд.
Во Северна Македонија анализиравме вкупно 40 компании, односно добитниците на 20 најголеми грантови во ИПАРД I и ИПАРД II. Податоците покажаа дека речиси сите од нив се етаблирани фирми со историја и продолжуваат со работа и денес. Но, најдовме најмалку две големи компании со политички врски кои добиле грантови. Мора и да се подвлече дека и во двата случаи станува збор за добро познати фирми во земјоделскиот сектор.

Компанијата „Тргопродукт“ во 2019 година аплицирала и добила договор за субвенции од ИПАРД II програмата. Исплатата од 1,4 милиони евра конечно била извршена во април 2022 година. Во поголемиот дел од овој временски период, премиер на Северна Македонија беше Зоран Заев, кој е прв братучед на Бобан Заев, сопственикот на „Тргопродукт“.
Компанијата „Земјоделски комбинат – Пелагонија“ во 2014 година конкурирала и добила договор за субвенции за ИПАРД II. Исплатата од околу 240 илјади евра е реализирана една година подоцна, во 2015 година. Сопственикот на „Пелагонија“, Јордан Камчев, тогаш имаше блиски односи со тогашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Неодамна, тој беше означен од американското Министерство за надворешни работи за „вклучен во корупција, вклучително и поткуп на владин службеник“ и беше санкциониран.
Во Албанија, се чини, дури и претставниците на опозициските политички сили имаат корист од ИПАРД грантови. Либонике Нурелари е поранешен член на Општинскиот совет на Поличан на Демократската партија и од 2006 година се занимава со лозја и трговија со вино. Во ИПАРД програмата таа е рекордер за најмногу грантови, бидејќи е поддржана со четири проекти, со вкупна вредност од 383 185 евра.
Молаши е село во завршиле вкупно четири грантови од ИПАРД со вкупна вредност од речиси 1 милион евра. Бизнисите кои имале ќар се основани речиси во исто време со стартот на програмата. Компанијата наречена „Зелена револуција“ двапати добила поддршка за фарма за животни, со вкупна вредност од 581 939 евра.
Додека другите 2 победници се чинат дека се различни, сепак, тие се дел од семејна шема. 23 годишната Брисилда Џафери, од примерокот од 126 корисници, го доби најголемиот грант, кој беше најмалку три пати поголем од кој било друг пчелар. „ЗЛАТНИ ПЧЕЛИ“ ШПК (ДООЕЛ) (поранешна „БЛЕТА Е АРТЕ“) е основана од нејзиниот татко во октомври 2018 година, Апостол Џафери, градежник од 2005 година. По неколку промени во името и адресата на компанијата 23 годишната жена станала управител на компанијата и добила грант од 57 624 евра за „Инвестиции во пчеларството, зголемување на бројот на пчеларници, производство и трговија со мед и други пчеларски производи“.
Откако се повлекол од компанијата што ја основал, таткото сам го продолжил сонот за ИПАРД. Градежникот основал друга компанија на 22 февруари 2022 година, но овој пат како „физичко лице“, фокусирајќи се на агротуризмот. Иако едвај ја имал регистрирано фирмата, добива ИПАРД грант од 183 870 евра и потпишува договор на 4 мај 2023 година.
Во овој случај, таткото и ќерката преку новоформираните фирми, од ИПАРД примиле 341 494 евра.
И покрај тоа што целите на ИПАРД Програмата и донаторите се да ја зголемат конкуренцијата и да ја максимизираат распределбата на грантови на други компании, со или без искуство, некои бизниси се чини дека „имаат претплата“ на ИПАРД. Од примерокот од 126 корисници, произлегува дека најмалку 18 бизниси имаат користено од ИПАРД II грантови за Албанија повеќе од два пати, од кои некои биле корисници на два проекти во рамките на истиот повик.
Локалните експерти ја ценат поддршката за новите бизниси како важна, но сепак, повикуваат да се зачува рамнотежа, така што развојот на земјоделството останува во фокусот, врз основа на искуството на постарите бизниси.
„Поддршката за нови бизниси или старт-ап е позитивна новина за апсорпција на повеќе средства од ИПАРД, од младите земјоделци“,
анализира Илир Пилку, еден од тројцата експерти во Албанија сертифицирани од ЕУ за „Заеднички европски политики“.
АРДА официјално ја информираше Амфора Медиа дека има 540 бизниси кои имаат добиено средства од ИПАРД II програмата, со грантови дистрибуирани преку четири повици, иако онлајн податоците објавени на нивната веб-страница во Excel формат за секој повик покажуваат 30 договори помалку, односно вкупно 510 корисници.
Кога се во прашање потенцијалните баратели на помош, тие и не се така многу. Иако не е мал бројот на регистрирани земјоделци во Албанија, со т.н. ТИН број (регистрациски број), најголем дел од нив не си ги плаќаат обврските па немаат право да аплицираат за ИПАРД.
„Нагласуваме дека Даночната управа долги години има регистрирано како земјоделци вкупно 92 174 физички лица, појаснувајќи дека тие се директно регистрирани во даночната управа само за ТИН и не ги плаќаат своите даночни обврски“,
појаснуваат од Генералната дирекција за даноци.
„Големиот дел од корисниците на ИПАРД се старт-ап компании. Од земјоделците кои денес се нумерирани преку ТИН во Даночната управа, нема многу добар број на земјоделци кои имаат право да аплицираат за ИПАРД“,
изјави Ервин Ресули, претседател на „Здружението за заштита на локални производители“.
Од АРДА информираат дека во рамките на ИПАРД II Програмата досега имале 8 случаи во кои побарале враќање на грантот поради различни нерегуларности, но добитникот одбил да го стори тоа.
„Од 10 субјекти кои беа побарани да го вратат грантот, 8 не се придржуваа до рокот. АРДА ги испрати на суд предметите за „Алдо Јакупи П.Ф.“, „Фиќири Синани П.Ф.“, „Мирјан Алка П.Ф.“ , „Каваљон ШПК“, „Абас Пере ШПК“, „Васиљаќ Џуфка ПФ“, „Брег до брег ШПК“ и „Лораг ШПК“, кои заеднички добиле вкупно 1.145.760 евра“,
Средствата ги вратиле само „Алб Берати ШПК“, која патем не ја најдовме во списокот на проекти на АРДА, и „Алтин Гега ПФ“ која добила грант од 14.916 евра.
Во Северна Македонија, Владата и Обвинителството не ни споделија поединечни детали во врска со проблематични ИПАРД грантови. Наместо тоа, од Владата добивме одговор дека од 2015 до 2022 година, за сите ИПА проекти, регистрирани се 17 неправилности. За сите биле преземени конкретни постапки. Кои и какви постапки, не кажаа. Од Обвинителството, пак, само ги потврдија двата судски случаи кои се водат во врска со ИПА проекти кои и немаат врска со ИПАРД.
Самостојно најдовме 15 граѓански тужби со второстепена (правосилна) пресуда поврзани со ИПАРД . Во единаесет случаи , компании или поединци поднеле тужби против Агенцијата бидејќи ги суспендирала нивните договори за проекти поради различни неправилности, вклучително и купување на користена опрема, презентирана како нова. Агенцијата ги добила сите случаи.
„Богатите“ од сиромашниот сектор
Ригерта Локу е студентка на престижниот универзитет Ла Сапиенца во Рим. По студирањето политички студии и специјализацијата за меѓународни односи, таа се најде на насловните страници кога заедно со сопругот се врати од Италија во Албанија за да отвори фарма.
Нејзиниот сопруг Леонард се стекнал со универзитетска диплома во Зоотехника за да ја развие фармата бидејќи и двајцата започнале пред 12 години, без да имаат информации за сточарството, туку само страст. Денес тие живеат заедно со нивните две ќерки на фармата подигната на врвот на живописниот рид во селото Рршкул Мирдита.
„Имаме сточарска фарма каде одгледуваме кози од автохтон албански вид“, рече Ригерта Локу кратко откако го стави стадото во штанд.
„Генерално кажано, целата област или малите фарми како мојата, страдаат од недостаток на земјоделска опрема како што се трактори“, додаде таа.

Во примерокот од 126 корисници на ИПАРД во Албанија, само 20 грантови завршиле директно кај малите земјоделци. Пред се, станува збор за трактори и друга опрема со вредност од 15-50 илјади евра. А од друга страна, ИПАРД им овозможил милионски грантови за експериментирање на компании без претходно искуство.
„Компани Ривиера 2008“ ш.п.к. (ДОО) е основана во 2009 година од семејството Кола, а нивните приходи забележаа зголемување по 2013 година, со доаѓањето на Социјалистичката партија на власт. Само во 2022 година оствариле промет од 5,1 милиони евра.
Профилирани во областа на градежништвото, проектите за реконструкција по земјотресот во последните години го зголемија нивното учество во апсорпцијата на јавните средства. На компанијата отпаѓаат вкупно 63 тендери кои ги искористиле од државниот буџет, најмногу од општини низ цела држава.
Без забележително искуство во областа на земјоделството тие предложиле проект за складиште за собирање и селекција на овошје и зеленчук, со 13 ладилни простории. АРДА одлучила да ги поддржи преку ИПАРД со 50% од инвестицијата, нудејќи им 810 469 евра.
Додека компанијата продолжува да добива пари од ИПАРД, по втор пат во својата историја по 2014 година, на 13 февруари 2023 година беше изречена превентивна заплена на нејзините акции, додека не ги исплати своите обврски кон друга компанија која побарала интервенција на извршители.
Речиси идентична е приказната со „КРОНОС КОНСТРУКСИОН“ ш.п.к. (ДООЕЛ) која испратила до АРДА проектна идеја за изградба на „магацин за обработка на овошје и зеленчук“ и успеала да добие поддршка од 721,558 евра.
Компанијата е добитник и на 51 јавен тендер, сама или во партнерство со други компании. Додека ги обезбедувала ИПАРД средствата била ставена под привремен стечај, кој завршил во 2020 година, откако ги исплатила обврските произлезени од казна изречена од Националната агенција за природни ресурси на Албанија.
„Компанијата всушност се занимава со градежништво и аквакултура. Пред само три години влезе во земјоделскиот сектор“, му објаснуваше поранешниот директор на АРДА на премиерот Еди рама, кога вршеа увид над инвестицијата на 25 јануари 2021 година.
„Од податоците индиректно обезбедени за „големите корисници“, произлегува дека над 50% од нив имале основна дејност градежништво, транспорт, енергетика и слично, а немале директна врска со земјоделското производство“,
елаборира за Амфора медиа. експертот за земјоделски политики проф. д-р Ндоц Фаслија.
Кога премиерот Еди Рама ја посети инвестицијата по втор пат, на 18 мај 2022 година, претставник на компанијата му кажа за што служи просторот со шанк, маси и столици:

„Изградивме и простор за луѓето кои работат овде и луѓето кое ќе чекаат надвор со комбиња, да има каде престојуваат па и да спијат“, кажа претставникот на компанијата.
– „Ова е кантината за работниците?, праша Рама зачудено.
„Кантина за работниците“, потврди претставникот.
– „Ова е најдобрата кантина која сум ја видел. Никогаш не сум видел подобра кантина“, кажа вчуденевидениот претставник на мисијата на ЕУ во Албанија, Алексис Хупин
Сепак, се испостави дека „кантината“ е угостителски објект во склоп на складот изграден со пари на ЕУ. Единствените работници на компанијата кои можат да се најдат во кантината не се фармери или работници во магацинот, туку келнери кои служат храна.
„Сместувањето во нашиот хотел, збогатено со нашата традиционална и модерна кујна ќе ви овозможат незаборавно искуство“, пишува на официјалната Фејсбук страница на „Кронос Агротуризам“.
Името „Кронос Агротуризам“ кое се промовира на социјалните мрежи се наоѓа во истиот објект кој претставник на компанијата му го презентираше на премиерот Еди Рама.
Во упатството одобрено од Европската Унија и Владата на Албанија, утврдено е како треба да работи една компанија во првите пет години откако ќе добие ИПАРД поддршка од АРДА. Еден од критериумите предвидува дека не е дозволена промена на сопственоста меѓу правни лица во тој временски период.
На прв поглед се чини дека Северна Македонија е силно наклонета кон поддршка на малите земјоделци. Од вкупно 1 117 поддржани проекти во ИПАРД I, 82,2% биле поднесени од „физички лица“ или „индивидуални земјоделци“, додека во текот на ИПАРД II тие категории сочинуваат 84,1% од сите одобрени проекти. Сликата се менува кога ќе се земе предвид вредноста на тие проекти.
Во ИПАРД I програмата, сите 20 најскапи проекти биле доделени на „компании“, а тие 20 проекти, земени вкупно, чинат вкупно 5,24 милиони евра. Со други зборови, само тие 20 проекти сочинуваат 32,8% од целиот потрошен буџет од ИПАРД I фондот. Генерално, „компаниите“ и „земјоделските задруги“ добија околу 60% од потрошениот буџет за ИПАРД I, иако тие сочинуваат само 17,8% од вкупниот број одобрени проекти.

Овој јаз е уште поизразен во ИПАРД II. 20-те главни грантови се со заедничка вредност од 18,6 милиони евра, што претставува 37,8% од вкупниот износ за ИПАРД II исплатен до мај 2023 година. Вкупно, од 49,2 милиони евра платени од ИПАРД II, 78,9% завршиле во рацете на „компании“ и „земјоделски задруги“, иако тие сочинуваат само 15,9% од вкупниот број одобрени проекти.
Во Албанија профитираа речиси сите главни компании за преработка на млеко, собирни пунктови и кланици. Компанијата „Ерзени ш.п.к“ профилирана во преработка и пакување млеко добила 924 244 евра додека другата компанија од секторот „Луфра“ 799 737 евра.
Во индустријата за салами, компанијата „ФИКС ПРО“ добила 741 896 евра, додека компанијата „ТОНА-АЛ“ 381 684 евра. Сепак, фокусот даден на преработувачките компании и напуштените земјоделци кои ги произведуваат суровините, се повеќе ја поттикнува потребата од увозни производи.
„Огромното мнозинство, или лавовскиот дел, најмногу (ИПАРД грановите) ги апсорбираше агроиндустријата, значи собирните пунктови, фабриките за преработка на млеко итн.“,
елаборираше Ервин Ресули, земјоделски експерт.
Тој изјави дека речиси 95 отсто од млекото произведено во Албанија доаѓа од мали фарми и оваа категорија фармери се бори да биде вклучена во ИПАРД програмата, не успевајќи да го развие секторот за производство на суровини.
„Тоа го остави фармерот надвор од целта, со што фармерот не е подеднакво подигнат во индустријата за преработка на млеко и тоа доведе до празнина, потреба од суровини“,
изјави Ресули.
Помош „од горе“
Старата инфраструктура и машини на балканскиот земјоделец често значат дека на помош често се чека „од горе“. Се чини дека и ИПАРД им е „нешто далечно на небото“.
Семејството Ѓурчиновски, од селото Тумчевиште кај Гостивар во Северна Македонија , обработува околу 30 хектари земјиште, делумно во нивна сопственост, а делумно под кирија. Нивната последна инвестиција е плантажа со лешници од 8 хектари.
Досега единствената поддршка за производството и машините ја имаа од Националната програма за субвенции, додека ИПАРД програмата останува одлична можност која изгледа недостижна. Живка Ѓурчиновска откри дека се обидела и не успеала да добие грант поддржан од Европската Унија.

„Па, корисникот поддржан од ИПАРД програмата треба да ја вложи целата сума, за да видат дека им се враќаат средствата. Кога станува збор за мали производители и имоти, ова е малку потешко.
Посебно е тешко да се инвестира однапред бидејќи многу често се поминува доста време од моментот на аплицирање за ИПАРД средствата, па се до моментот на рефундирање“,
вели Ѓурчиновска.
ИПАРД процедурата е така „скроена“ за да заврши најдоцна за 36 месеци. Има шест месеци за одлука по апликација и договор, па 24 месеци добитникот да ја заврши инвестицијата и на крај уште 6 месеци Агенцијата да направи контрола и да ги исплати парите, ако се е во ред.
Сепак, најдовме повеќе случаи каде овој рок е пробиен. Најекстремниот е случајот на Никола Тасевски кој чекал на исплата 2048 дена, односно пет и пол години. Тој не е единствен. Во програмата ИПАРД II, 48 корисници чекале повеќе од можниот максимум од 36 месеци.

„Овие рокови се премногу долги за малите земјоделци“, елаборираше Лилијана Јоноски од невладината „Рурална коалиција“. „Особено имајќи го предвид времето и парите што им се потребни за да ги соберат сите потребни документи, кои не секогаш знаат сами да ги соберат“,
додаде таа.
„Со пост-руско-украинската војна и кризата со инфлацијата СОВИД-19, машините и уредите поскапеа, поради што многу инвестиции беа одложени или откажани“,
рече Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделскиот и руралниот развој во Северна Македонија.
Фармерите во Албанија исто така изјавија дека за процесот на собирање и пополнување на документите е потребен добро образован фармер и сточар. Затоа се потребни консултантски услуги, што создава предуслов да се има прелиминарни средства за подготовка на досието за апликација.
„Ми требаа 6 месеци да го подготвам досието со сите точки дефинирани во прирачникот за апликација.
Ме чинеше околу 20 илјади евра за подготовка на досието, што се пари потрошени за изнајмување земјиште, проекти и мобилност“,
рече Ромео Назарко за Амфора Медиа.
43-годишниот маж студирал геодетски инженеринг и работи како експерт за недвижнини во Тирана. Тој успеа да намали дел од трошоците правејќи ги работите сам, додека обичните земјоделци не можат да инвестираат толку многу пари во подготовка на проектни идеи што може и да бидат отфрлени.
„Апликантите не се активно поддржани во пополнувањето на документите од страна на вработените во АРДА. Тие би можеле да бидат поддржани од приватни советодавни служби, пари кои се прифатливи за рефундирање според упатството“,
одговорија официјално од АРДА.
„Фармерот не може да плати и не е сигурен дали ќе го добие проектот“, изјави Пренг Дода, кој е пензиониран агроном. Тој додаде дека од досието доставено за ИПАРД грантови може да нема документи, а изработката на бизнис планот, според него, треба да ја направи платен професионалец, бидејќи тоа не можел да го направи однапред.

„Огромното количество документи и огромниот број луѓе со кои ќе треба да се справите за да ги пополните документите додека одите од канцеларија до канцеларија ја прави оваа задача уште потешка.
Јас имам високо образование, мојот сопруг има високо образование, а минатата година не успеавме да подготвиме документи навреме“,
изјави сточарката Ригерта Локу.
Експертите велат дека тоа се критериуми поставени од Европската унија и мора да се почитуваат, но во албански контекст споменуваат неколку локални елементи кои треба да се подобрат за земјоделците да се доближат до грантовите.
За експертот за земјоделско стопанство Илир Пилку, земјоделците со тоа што не можат да контактираат со консултантски центри, во некои случаи во барањата за градежни дозволи, не ги пополнуваат критериумите, па затоа треба да им се олесни. Понатаму, треба да им се помогне во случаите кога недостигаат документи поврзани со долгови за социјално осигурување или други слични документи.
„Има мала достапност до банкарскиот систем за финансирање на активности во фармите, дури и во случаи кога земјоделците имаат презентирано ИПАРД договор“,
потенцира Пилку, кој е и консултант во областа на земјоделството.
За другиот експерт за земјоделски политики, Ндоц Фаслија, најголем проблем се критериумите за големината на фармите и немањето документи за сопственост над земјоделското земјиште, кои бараат специфичен третман врз основа на контекстот на албанскиот земјоделец.
Од ИПАРД II Програмата во Албанија, произлегува дека има корисници кои имаат активности во 50 од 61 општина во земјата. Тирана, каде што е концентриран најголем дел од лесната индустрија, е на врвот на листата со 73 грантови.

По Тирана следуваат општините Фиер и Корча со 63, односно 51 грант. Во меѓувреме, 75% од грантовите (384 од 510 добиени грантови) се добиени од бизниси во 14 општини.
Корупциска гангрена
Инженерот Ромено Зазарко се најде пред истражителите на ОЛАФ, набргу откако го започна патот кон својот сон, да засади ореви во неговото родно место.
„Мојата идеја беше создавање на овоштарник во Колоња, на земјиште што го изнајмив 99 години, со површина од околу 13 хектари“,
изјави Назарко.
Откако 43-годишниот маж во јули 2020 година го доставил своето барање до АРДА, почна пинг-понгот за исполнување на барањата меѓу агенциите.
„Повеќето точки ме натераа да помислам дека е невозможно да се достави досието навреме, бидејќи имав само 15 дена. Во земји како Албанија каде што треба да одите од канцеларија до канцеларија за да добиете едноставен документ, морав да пополнам 21 документ за 25 дена, нешто што беше психолошки невозможно“,
се сеќава инженерот.

Во анализата на повиците IPAIRD II, откривме дека има скратување на времето достапно за аплицирање од два месеци во првиот повик на просечни 45 дена во трите претстојни повици, што го прави процесот на аплицирање многу тежок за малите земјоделци.
Откако Назарко го прекинал секој професионален и семеен ангажман, успеал да ги собере сите документи и навреме да го достави досието. Сепак, барањето на Агенцијата за договор за изнајмување на земјиште на име на партнерот на Назарко го блокирал процесот на аплицирање. Инженерот вели дека се жалел до сите институции за ова прашање.
„Од мојот косопственик бараа под-договор за подзакупнина, што е бесмислено бидејќи јас го имав договорот за закупнина од општина Колоња и немам право да го издавам ова земјиште“,
се сеќава тој додавајќи дека ова беше обид да се „зароби“ бидејќи таквиот договор е незаконски.
Неговата единствена надеж беше канцеларијата на ОЛАФ во Брисел, до која успеа да стигне преку Skype на 4 мај 2021 година, презентирајќи ги своите тврдења. Различни интервјуирани изјавија дека постојат консултантски канцеларии кои не само што нудат правни услуги, туку имаат и коруптивни односи со АРДА преку кои успеваат да ги финализираат договорите за грантови.
„Од луѓе кои аплицирале, самата институција [консултантска канцеларија] е таа што ја наоѓа мамката, средниот човек во соодветната институција [АРДА]. Доволно е земјоделецот да има деловна идеја колку пари ќе потроши како и да плати такси на агенцијата [консултантска канцеларија] и таа ќе се погрижи за целата процедура“,
елаборира сточарката Ригерта Локу.
„Тоа не е мал процент. Тоа е 30-40% [од грантот], па дури имаат и шема како да ја добијат таа сума пари.
Секој земјоделец што аплицира нема 30-40% „бакшиш“ во готовина да му даде, но успеваат да ве доведат во банкарски неволји и да ве натераат да добивате кредити од финансиски институции“,
изјави Ромео Назарко кој неуспешно аплицираше на ИПАРД II.
„Доаѓа време кога земјоделецот се откажува. Се откажуваат од системот, од корупцијата и од незаконските активности затоа што тука не се инвестира само сегашната финансиска моќ, туку и животот и иднината на нашите деца и идните генерации“,
вели сточарката од Мирдита, Ригерта Локу.

Амфора медиа достави барања за информации до сите обвинителства низ Албанија, вклучително и конкретни судови, и не најде никаква директна истрага за АРДА, освен истрагата иницирана од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), за која албанското обвинителство врши истрага која се влече и нема резултат.
По идентификувањето на случајот и следењето на истиот преку локалните и европските агенции за спроведување на законот, дури во мај годинава Обвинителството во Тирана ја извести Амфора дека ОЛАФ поднела жалба до Специјалното обвинителство.
„… ја регистрираше кривичната пријава бр. 7471, во 2022 година, за кривично дело „Фалсификување исправа“ и „Злоупотреба на службена положба“ од членовите 186 и 248 од Кривичниот законик“,
информираат од Обвинителството Тирана во врска со покренатата истрага.
ОЛАФ првично ја поднесе жалбата до Канцеларијата на Специјалното обвинителство во јуни 2020 година, а две години подоцна ја објави својата ненадлежност и го предаде досието до Обвинителството на Тирана, кое информираше дека „…оваа кривична постапка се уште е во фаза на истрага и без името на авторот регистриран задолжен“.
Како одговор, Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) елаборираше дека тие обично не коментираат за случаите што би можеле да ги решат.
„Ова е направено за да се заштити доверливоста на секоја можна истрага и можниот правен процес што следи, како и да се гарантира почитувањето на личните податоци и процедуралните права“,
се вели во официјалната реакција на ОЛАФ.
Делегацијата на ЕУ во Албанија на 19 јули ги потврди сомнежите за корупција со средствата на ЕУ наменети за албанското земјоделство. ОЛАФ достави до Европската комисија неколку наоди, кои ја принудија Комисијата на ЕУ привремено да ги суспендира грантови додека не се појави конечниот извештај од истрагата на ОЛАФ.
„Како превентивна мерка за заштита на финансиските интереси на Европската унија, Европската комисија привремено го суспендираше надоместокот кон албанските власти за трошоците направени во рамките на програмата ИПАРД II“,
објаснија од Канцеларијата на ЕУ во Тирана за Амфора Медиа.
Министерката за земјоделство и рурален развој Фрида Крифца на пленарната седница на Собранието во јули ја бранеше програмата ИПАРД II, порачувајќи ѝ на опозицијата дека нивните обвинувања за злоупотреби на средства од ЕУ се напад врз земјоделскиот сектор во целина.
Министерката Крифца беше директор на Агенцијата за земјоделство и рурален развој од јули 2017 до септември 2021 година, пред да биде именувана за министерка за земјоделство и рурален развој. Истрагата на ЕУ се фокусира на периодот кога таа ја раководеше оваа Агенција, што се совпаѓа со првата фаза од програмата од 2014 до 2020 година.
Единствениот случај во Северна Македонија: поткуп од 200 евра
Било темно на 14 април 2014 година, кога двајца мажи се сретнале во ресторан во близина на железничката станица во Скопје. Ивица Е. сакал да купи трактор преку ИПАРД програмата, а Драган Р., службеник во Агенцијата за земјоделство.
Ивица со себе донел папка со соодветните документи за апликација за тракторот и во неа, како што му побарал Драган, ставил и 200 евра. Полицијата интервенирала и го привела Драган кога го прифатил досието од Ивициа.
Година и пол подоцна е Драган Р. е осуден за противзаконско влијание. Апелациониот суд Скопје му изрече условна затворска казна во траење од 2 години, а Агенцијата го разреши од должност.
„Јас ќе морам да кажам дека се работи за еден изолиран случај, кадешто се случило што се случило… Кога ќе го видиме бројот на вработени, спецификата со којашто се занимава оваа Агенција, може да се види дека станува збор за изолирани случаеви и нормално ги охрабруваме сите институции и сите луѓе коишто имаат било какви проблеми за такви случувања да не потпаѓаат на таквите влијанија“,
ги коментира случаите Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој во Северна Македонија.
Во земјата функционира и Системот за управување со неправилности IMS (Ај-ем-ес), што подразбира и блиска соработка со ОЛАФ. Раководителот на ИПА ревизорското тело во земјата, Адем Цури, признава дека преку овие канали континуирано има поплаки од Агенцијата, но и од корисниците на ИПАРД, но ниту една од нив досега не резултирала со кривична постапка.

Така, според достапната евиденцијата, Северна Македонија има само една кривична постапка за неправилности во ИПАРД – кога државен службеник побарал поткуп од 200 евра. Но, денеска нема збор што се случило со најавите на државните органи во 2016 година дека работат на два случаи поврзани со ИПАРД со ИНТЕРПОЛ, за наводна злоупотреба од околу 200 000 евра. Таа година (2016) Северна Македонија доби „замрзнување“ на 27 милиони евра европски пари. Неискористеноста на расположливите средства, недоволното планирање и подготвеноста за реформи беа наведени како причини за „казната“ од Брисел.
И кога неодамна владата беше под лупа поради негативните забелешки во годишните извештаи на ОЛАФ, властите побрзаа да објават дека истражуваат „нов“ случај. Државата беше принудена да врати 660 000 евра, велат оттаму, за проект во Министерството за земјоделство кој не е поврзан со ИПАРД и кој датира од 2015 година. Актуелната власт за случајот ја обвини поранешната и обратно. Медиумскиот интерес избледе во следните денови.
Се на се, ИПАРД програмата се чини дека не е загрозена во Северна Македонија како што е случајот со Албанија. Мерката на Европската Комисија да ги замрзне средствата за ИПАРД го става во опасност почетокот на ИПАРД III, програма со грантови во вкупна вредност од 146 милиони евра.
А постојат и индиректни индиции дека во Албанија има влијание при добивање грантови од АРДА.
Преку снимките на данските власти кои следеа група Албанци вклучени во шверц на кокаин, беше откриена шема за перење пари. Јетмир Кастрати, 42-годишен маж од Скадар чиј телефон бил прислушуван, се покажал и дека бил сопственик на фирмата „Ренс 2015“, живинарска фарма отворена во северниот град на Албанија.
Во снимки на 14 декември 2018 година, Кастрати му кажува на својот соработник како планира да добие субвенција од државата, но за да го направи тоа мора да подели дел од „питата“.
„Не можете да добиете ништо ако тие не го земат својот дел од колачот и не можете ништо да направите за тоа. Им давам само 50, а сам земам 150-200 [милиони]“,
говорел Кастрати, според судските документи.
И покрај тоа што случајот ја разоткри корупциската линија во земјоделството, анонимизираниот транскрипт не дозволи идентификување на лицето или органот кој би му „помогнал“ на Кастрати. Во меѓувреме, поранешната државна функционерка, Виола Штерјо, е обвинета за измама и прибавување финансиски суми пари во замена за грантови од ИПАРД-шемата.
Државни агенции: Внатрешни предизвици и проблеми
Во Северна Македонија, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој признава дека еден од проблемите се кои се соочуваат е флуктуацијата на кадарот. Значителен број на службеници кои работат на ИПАРД, откако ќе стекнат искуство, си заминуваат од институцијата и стануваат консултанти за изработка на ИПАРД апликации. Агенцијата не може да им понуди добри плати и услови поради законските одредби и покрај тоа што тие луѓе „носат“ десетина милиони евра годишно.
Ситуацијата сега е далеку подобра отколку на почетокот на ИПАРД I, но е далеку од идеална. Затоа, Северна Македонија, а и останатите земји од Западен Балкан, преговараат со Брисел – дел од парите за ИПАРД III програмата да послужат и за зголемување на платите на ИПА структурите.
Амфора Медиа ги анализираше сите извештаи на Врховната државна ревизорска институција на Албанија (АЛСАИ) во последните десет години во АРДА. Агенцијата забележа двојно зголемен персонал за ИПАРД во 2019-2020 година, со што вкупниот број на вработени во оваа наменска структура достигна 34.
„Подобрувањето на човечките капацитети во АРДА, за да се зголеми процесот на разгледување и оценување на апликациите навреме, бара попрофесионална експертиза, особено од неодамна вработените службеници“,
предложи експертот Илир Пилку.
Денес, АРДА има 239 вработени, од кои 74 се посветени на ИПАРД програмата. Помалку вработени има во секторот кој врши проверка на инвестициите. „Секторот за следење на инвестициите во ИПАРД“ има еден шеф и 4 специјалисти, кои треба да следат 540 бизниси кои добиле грантови.
Врховната државна ревизорска институција утврди дека во најмалку три случаи внатрешните процеси за набавки на АРДА поврзани со ИПАРД Програмата не ги исполнувале техничките спецификации и понудите биле без датум, што фрла сомнеж. Понатаму, на вработените им недостасува обука за проценка и управување со ризик.
Земјоделската агенција во Албанија криела досиеја
Податоците од ИПАРД II за Северна Македонија покажаа дека од 1 726 одбиени апликации на 8 јавни повици од 2017-2022 година, имало 34 приговори. Сосема поинаква е ситуацијата во Албанија. Според АРДА за истиот период од реализацијата на проектот, 616 апликанти биле дисквалификувани, а 280 поднеле жалби.
Објавувањето на овој напис беше одложувано со месеци, имајќи предвид дека од 13 април до 11 јули 2023 година, Амфора Медиа побара од АРДА, преку Законот за право на информирање, да ги стави на располагање досиејата со поплаки од апликантите, внатрешна ревизија и правни постапки, за програмата. што користи пари на ЕУ и државниот буџет.
Агенцијата категорично одби, цитирајќи го договорот потпишан меѓу владата и ЕУ „за заштита на личните податоци“, без да може да ја аргументира штетата предизвикана на албанската држава или на ЕУ од објавувањето на таквите информации.
Комесарот за информации и заштита на податоци, институцијата која го гарантира спроведувањето на законот за информирање, на 21 јуни 2023 закажа сослушување со тимот на новинари и претставници на АРДА. Иако поминаа сите законски рокови, комесарот не донесе никаква одлука за случајот.
„Ревизијата од локалните државни органи за управувањето со овие средства е речиси непостоечка“,
коментира проф. д-р Ндок Фаслија.
Од извештаите на Државната ревизија на Албанија произлегува дека во 2019 година се извршени 3 „екс-пост“ реинспекции за ИПАРД I Програмата и само една „екс-пост“ контрола за 2020 година, за ИПАРД II Програмата, која имала 540 корисници.
Во Северна Македонија е формирана посебна институција за ревизија и мониторинг на фондовите на ЕУ, „Ревизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош“.
Нејзиниот шеф Адем Цури изјави дека ризикот од корупција е секогаш присутен.
„Сепак, воспоставен е систем во и надвор од Агенцијата, така што секоја можност за корупција е сведена на минимум“,
изјави тој за Амфора Медиа.

Во Албанија, иако Ремео Назарко по жалбата не доби решение од Агенцијата, тој продолжува да сонува да засади дел од своите ореви на југоистокот на земјата, Ерсека.
Во меѓувреме, на север, во Мирдита, Пренг Дода и неговото семејство продолжуваат со производство на вино со стари уреди, бидејќи ИПАРД не создаде можност за финансирање за нивните планови.
„Овој текст е овозможен поддршка на Journalismfund Europe. Ставовите и мислењата изразени во видеото или од авторите не ги одразуваат нужно и ставовите на Journalismfund Europe“.

Новинари: Аида Циро, Александар Димитриевски и Гери Емири. Оваа сторија е објавена во Албанија од страна на ©Amfora.al и во Северна Македонија од ©“360stepeni.mk”.